“Гобленизација”-Изложба на плетива и перформанс вечерва во галерија Аман во Гевгелија
Одделот за етнокореолошката дејност при ЈОУ Дом на култура “Македонија” во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, организира изложба на плетива и перформанс на вокално – инструменталниот состав ЧАЛГИЈА, насловен како ГОБЛЕНИЗАЦИЈА. Отварањето е на 14 август со почеток од 20.30 часот во просториите на уметничката галерија АМАМ.
Освен со ткаеници, градските и селските домови во минатото биле уредувани и со многубројни плетени предмети од свилен или памучен купечки конец тулипан со различна дебелина. Најмногу плетеле: чаршави за покривање спални, чаршави за маса, разни милиња за мала масичка – тишлајфер, пердиња и друго. Ги плетеле со една игла наречена кукачка игла, чингелаќа, или со пет игли кои ги користеле за плетење чорапи.
Сите предмети биле мрежесто плетени, а на поедини места со полнатица при што се формираат најразлични форми на геометриски и растителни мотиви како на пример: ромбови, цветови, и друго. Познати мостри за плетење милиња биле поентлес, изгубениот пат. Милињата се користеле и за покривање бокал и чаши за вода, за на послужавник, а се користеле дури и за покривање на телефон, се ставале над телевизор, над фрижидер, а ги прикачувале и по краевите на полиците во креденците.
Изложбата ќе биде збогатена со перформанс на вокално – инструменталниот состав ЧАЛГИЈА во состав, Серафина Горбашлиева, Атанас Стојанов, Горан Митров, Тодор Ќосев, Боки Митров и Силвестер Проле .