Левица: Најавени измени во шест закони од областа на образованието – Учениците наставниците и стручните лица исклучени од процеост
- Реакција на Политичката партија Левица
Министерката за образование, Весна Јаневска, најави дека во подготовка се шест нови закони со кои, според најавата, ќе се унапредат состојбите во образованието во Македонија. Станува збор за закони за: средното образование, за стручно образование, за образование на возрасните, за учебници во основното и средното образование, како и закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и на Законот за Националната рамка за квалификации. Законските решенија ги изготвуваат работни групи што имаат рок до крајот на јули 2024 да ги подготват, за истите на почетокот од септември да влезат во собраниска процедура.
Штанцањето на закони, без политичка дебата, уште помалку вклученост на стручна или експертска јавност е карактеристично за секогаш кога ДПМНЕ е на власт! Ако Концепцијата за образование на Царовска беше изготвена и почна да се применува за неколку месеца, Јаневска истото го прави за уште пократок рок односно, најавено е предлагање на шест закони за шест недели!
Сметаме дека месец и половина не е ниту стандарден, ниту нормален и уште помалку доволен рок за подготовка на шест законски решенија во клучна општествена сфера како што е образованието! По сѐ изгледа владата на ДПМНЕ и ЗНАМ повторно прескокнува основни чекор при изработка на нови образовни политики и закони, т.е изготвување на функционална анализа за сегашната состојба, со девалвација на ефектите на реформите до сега.
Ја прашуваме власта: Какво ќе биде учеството на релевантните образовни чинители во носењето на новите закони?
Дали и овој пат предлог-законите, подготвени небаре инстант-чорба, ќе бидат сервирани на ЕНЕР и на веб-страницата на МОН, а наставниците и учениците, целосно исклучени од процесот ќе мора да ги проголтаат, подголтнувајќи од немоќ и гнев?
Левица инсистира на професионален и аналитички пристап при изготвувањето законски решенија, особено кога истите засегаат една од највиталните области во општеството – образованието!