АктуелноЛокално

Порталот „Пари“ соопшти дека градежното лудило заработило 9 милијарди евра за 11 години

Сведоци сме, последниве години, на бум со недвижностите во земјава. Се градат згради на секоја педа слободна земја по градовите, а особено во Скопје. Рекордна е и побарувачката, со тоа што граѓаните купуваат станови по потреба, но и за да ги заштитат парите од инфлацијата. Сето тоа придонесе и за рекорден раст на цените, кои може да се рамнат со цените во метрополи како Солун, Белград или Загреб. Градежното „лудило“ собра цели 9 милијарди евра од 2013 до денеска за изградба и купување станови во земјава.

Порталот „Пари“ направи анализа на официјалните статистички податоци за градежните активности според издадени одобренија за градба, кои ја сумираат изградбата на станови како од деловни, така и од индивидуални субјекти во земјава, во периодот од 2013 година до март 2024 година. Анализата покажа навистина импресивни податоци.

Заводот за статистика евидентира вкупна вредност на станбените објекти за кои се издадени одобренија за градба од 546,5 милијарди денари, односно 8,9 милијарди евра. Во овој период издадени се вкупно 32.874 одобренија за градба на деловни и индивидуални субјекти, при што доминантни се деловните субјекти. Дел од овие пари се потрошени и за реконструкција на постоечки станбени објекти, но тој удел е не повеќе од 20%, а некогаш реконструкција предвидува и изградба на нови станбени единици, барем од она што може да се види како пракса во земјава.

Со овие дозволи за градба, изградени се вкупно 73.444 станови со корисна површина од 6.060.301 метар квадратен. Просечната вредност на метар квадратен станбен простор за кој е издадена дозвола за градба изнесува 1.466 евра.

Ако се земе, пак, дека државава има 1,8 милиони жители, според последниот попис, излегува дека се изградиле 40,1 стан на 1.000 жители.

Со овој градежен бум Македонија може да се рамни дури и со развиените европски земји. Еве една интересна споредба. Според порталот statista.com, во

2022 година рекордер во Европа по бројот на новоизградени станови на 1.000 жители е Австрија со индекс од 6,47, а следуваат Лихтенштајн со 5,81 и Србија со 5,66. Македонија за оваа година има индекс 3,8, бидејќи во 2022 година се изградени 7.002 нови станови. Со овој индекс Македонија е пред Унгарија, Холандија, Португалија, Шпанија, Грција, Велика Британија, Германија, Словенија… Во 2023 година во Македонија се изградени уште повеќе нови станови, вкупно 7.865. Вистински рекорд е постигнат во 2021 година, кога се изградени дури 11.946 нови станови. Бумот не запира ни оваа година. Само во првите три месеци се издадени 964 одобренија за изградба на 2.579 нови станови во вредност од 19,2 милијарди денари, односно 311,9 милиони евра.

Според Евростат, бројот на одобренија за градба на нови станови во ЕУ од 2014 до 2022 година бележи раст, особено во Бугарија, Естонија и Малта. Но, не и во Италија, Грција и на Кипар, каде има пад од 31% до 45%.

Најмногу одобренија за градба во Македонија се издадени во 2021 година, дури 4.069 за изградба на 11.946 стана во вкупна вредност од 66,5 милијарди денари (1,1 милијарда евра). Оваа година е рекордна и според големината на квадратурата предвидена за изградба – 959.920 метри квадратни.

Но, по вредноста на изградените нови станови предничи 2013 година, кога се издадени одобренија за градба на 4.773 стана во вкупна вредност од 98 милијарди денари (1,6 милијарди евра).

Најголема „криза“, барем според вредноста на становите за изградба имало во 2019 година, кога таа изнесува 38,6 милијарди денари (628 милиони евра). За оваа година се издадени одобренија за изградба на 5.988 стана со корисна површина од 467.375 метри квадратни.