АктуелноИнтернационално

Во Москва објавен романот „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли

Во рамки на меѓународниот проект и едиција „100 словенски романи“ деновиве во издание на Центарот за книга „Рудомино“ од Москва беше објавен преводот на руски јазик на романот „Бродот. Конзархија“ од македонски писател Томислав Османли. Преводот на руски јазик го направи Олга Панкина.

„Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од еден македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, при што сите нив ги преведе Панкина. По „Дваесет и првиот“, ова е втор роман на Османли што Панкина го преведува на руски јазик.

„Бродот. Конзархиј“ е дистописки роман временски сместен пред средината на XXI век. Неговото дејство се случува во 2039 година.

„Пишувајќи за блиската иднина, колку сугестивно и со богата мултимедиска фантазија, толку и духовито и атрактивно, Османли се обидува да ги открие карактеристиките на ова прагматично време полно со симулакруми, со холограми, со артифициелна интелигенција и слично, накусо – со лажни реалности и медиумски измами кои треба да станат нова реалност. Тоа време на крајот ќе се покаже како време на масовна илузија, на општи и индивидуални заблуди на едно конкретно, но и на генералното општество и цивилизација. Инаку, ‘Конзархијата’ е футуристички систем заснован на корпоративната реалност на новиот свет, креиран и детално опишан од самиот автор на романот“, вели Панкина.