Мојсоска од Крушево: Апел до сите пратеници да се откажат од патните трошоци по примерот на Левица

Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, денес во Крушево при отворањето на 50-тата канцеларија на Левица, порача:

,,Нашата кампања на овој револуционерен ден ја заокружуваме тука во револуционерно Крушево. На изборите на 8 мај очекуваме поголема излезност. Очекуваме да се зададе последниот удар на социјалдемократите како најантимакединска багра со која се соочила државата”.

Мојсоска истакна и одредени проекти и мерки од Изборната програма, посочувајќи дека нивната програма, за разлика од другите партии, има екстензивна платформа за работничките права. 

– На овие избори настапуваме со мерки за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, а Левица е единствена партија која предвидува т.н. татково отсуство. Предвидуваме и редефинирање на дејностите кои се трудово – интензивни со бенефициран стаж, како на пример: градежните работници. Предвидуваме и утврдување на минималната плата на две третини од синдикалната кошничка, истакна Мојсоска.

Носителот на ИЕ5, Јована Мојсоска, упати апел до пратениците да се откажат од патните трошоци и да се солидаризираат со обичниот народ.

– Левица е единствена партија која се залага за укинување на патните трошоци, за укинување на привилегиите на функционерите. Нашите пратеници во изминатиот мандат имаа 0 денари патни трошоци, така ќе биде и во наредниот мандат. Упатувам апел до сите пратеници – во услови кога во Македонија во која, речиси, 500 000 жители живеат на работ на сиромаштијата, ги повикувам пратениците да се откажат од своите патни трошоци, рече Мојсоска.