За локалната приказна и глобалните импликации: Интервју со Александар Симонов за неговиот пристап кон проблемите на заедницата

Интервју за порталот на ДСП Ленка со Александар Симонов, член на президиумот на Левица, советник во општина Свети Николе и ко-носител на листата за пратеници во ИЕ 3

Веќе речиси три години сте советник во општина Свети Николе и во својот досегашен мандат сте алармирале за, и спречиле голем број на штетни процеси за граѓаните на Oпштината. На која ваша активност како советник сте особено горд? 

А.С: Постојат многу работи кои успеавме да ги спроведеме. Најштетните ДУП-ови во градот беа спречени исклучително како резултат на моите заложби, спречено е да никнат нови катови во градскиот парк. Најголемата борба беше за заштита не обработливото земјоделско земјиште. Доколку не постоеше Левица, веројатно Овчеполието веќе ќе беше затрупано со фотоволтаични панели, врз земјата која буквално не храни. По ова прашање СДС спроведоа централна политика, а ги принудивме ДПМНЕ да калкулираат и неколкукратно да го сменат својот став, што спречи повеќе од половина од овие ДУП-ови да не поминат. На крај, уништувањето на земјоделското земјиште, оној дел кој успеаа да го протнат, беше направено заеднички со гласовите од советниците на ДПМНЕ и СДС. 

Покрај вашата активност на локално ниво како советник во општината, исто така сте и координатор на секторот надворешна политика при Левица. Дали сметате дека максимата „размислувај глобално, делувај локално“  има некоја содржина или пак е само флоскула?

А.С: По одредени параметри апсолутно да. Одредени работи не’ поврзуваат нас луѓето без разлика во кое ќоше од планетата живееме. Овде пред се мислам на еколошките проблемите, но не заборавајте, од моја страна беше поддржана иницијативата за донации во Турција по силниот земјотрес, но и беше поднесена иницијатива за помош на настраданите во појасот Газа, за која беше кажано дека ќе се спроведе, но од локалната власт на ДПМНЕ никогаш не ја спроведоа.

Како го замислувате излегувањето на Македонија од НАТО алијансата? Нешто што ниту една земја во историјата го нема направено (освен Франција која само го има суспендирано на неколку години).

А.С: Земјите од НАТО се претставуваат како наши партнери и поддржувачи. Значи, ако тие се наши вистински партнери, тогаш многу едноставно тие ќе ја разберат ваквата наша одлука и ќе ја поддржат. Доколку не, ќе паднат маските, ќе се докаже дека без народна волја (неуспешен референдум) не’ вовлекоа во НАТО, а сега не ни дозволуваат да ја напуштиме организацијата, која воено ја управува државата. Во таков случај, тоа не е партнерство, туку ропство, држење во организација со сила, под воена закана. Левица има изработено целосен план, согласно меѓународните договори за истапување од организацијата. Меѓународното право предвидува како стапување, така и истапување од меѓународните организации, ние само ќе го следиме меѓународното право. Додека тоа да се реализира, Левица ќе одбие да ја плаќа чланарината која веќе е над 2% од БДП за одбрана, а овие пари ќе ги пренасочиме во инфраструктура, здравство и образование. 


Левица е единствената политичка партија во Македонија која се залага за признавањето на палестинската држава, зошто, според вас албанските политички партии го поддржуваат Израел во неговиот геноцид врз палестинскиот народ? 

А.С: Затоа што водат политика лојална на САД! Албанските партии се конзервативни и поврзани со религиозните заедници, но сега гледате дека кога се убиваат муслимани (жени и деца) албанските партии не собраа храброст ниту да го осудат тој чин. Тие веруваат дека целата нивна моќ за вршење притисок, на Балканот, не само политички туку и безбедностен, потекнува со нивната поддршка од страна на САД. Затоа тие си земаат право за вакво однесување и на српската територија каде прогласија независна држава, и на црногорската и во Македонија, каде де факто создадоа федерализирана држава, која ги надминува сите етнички стандарди на ЕУ.

Дали доколку Левица дојде на власт, ќе останете верни на вашата програмска заложба за отповикување на признавањето на независноста на Косово и дали сметате дека истата ќе доведе до меѓуетнички тензии и потенцијална граѓанска војна во Македонија? 

А.С: Не смееме повеќе да ги носиме нашите државни одлуки заради мир во куќа. А, не може ниту некој да се заканува со внатрешни немири при носење на одлука која нему не му се допаѓа. Веројатно и Македонецот се прашува за нешто во Македонија. Ова не го мислам само по ова прашање, ова го мислам за секое друго национално прашање, како што беше со името, со уставните измени неколкукратно, со двојазичноста и со што уште не…

Кои се бенефициите кои македонските граѓани би ги имале доколку Македонија развие поблиски односи со земјите од БРИКС?

А.С: Отворање кон нови огромни пазари. Се покажа дека политиката на санкции направи најголема штета на Македонија. Она што го произведуваме нема каде да го извеземе, затоа и се намалува производството од година во година, а производителите на добра, и пред се земјоделците, ги напуштаат нивите и посевите и се селат. Оваа организација има реална моќ да го акумулира целото наше производство, од секоја индустрија. Нејзината економија го дозволува тоа, а како интерконтинентална организација, покажа и докажа дека земјите меѓу себе можат да стопанисуваат, без разлика на географијата.