Мицкоски обзнани мораториум на нападите упатени против Левица?!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, посочи никогаш како сега не било важно да се случи обединување, односно да се обезбеди национално единство.

– Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија – рече Мицкоски.

Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.

– Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор – порача Мицкоски.