Вработените во културните институции од утре на протест поради неисплаќање на мартовската плата

Вработените во културните институции од утре почнуваат со протести кои нема да запрат се до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори. Како што најави на денешната прес-конференција претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска, тужбите за задоцнета исплата на плата во моментот се процесуираат.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот.

-Платата за месец март во културата не е исплатена. Сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата се уште немаат земено плата. Добив повик од кабинетот на министерката за култура каде ми соопштија дека денеска во 13 часот треба да имаме состанок во Министерството за финансии. За што ќе биде точно состанокот не сум информирана, меѓутоа веднаш после тоа од институциите за култура добив повици во коишто кажуваат дека вработени од Министерството за култура им се јавувале во институциите и кажувале платата да се исплати без усогласувањето согласно колективните договори, посочи Атанасовска на прес-конференцијата пред Министерството за култура.

Според Атанасовска, за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.

-И денес на 18 април плата за месец март се уште нема. Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата, додаде Атанасовска.

Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.