Саем на книга под слоганот „Приказна се чита“
Денес 18.04.2024 година во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди богата програма со повеќе од 30 промотивни настани и дружби со автори. Посетителите ќе можат да си одберат книги од разновидната понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот.
Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“, со цел да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.
Организаторите велат дека како и претходните години, практично сите издавачи и автори од Македонија ќе ги претстават своите дела пред посетителите, а Саемот ќе биде надополнет и со повеќе издавачи од регионот, како Србија, Турција, Албанија, Косово и други. Оттаму се најавуваат и средби со автори, промоции и попусти, а ќе биде претставена и богата програма за деца и млади.
„Слоганот ‘Приказна се чита’ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (eng. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време“, се вели во најавата за годинешното издание.
Вратите на Саемот на книга 2024 ќе се отворат во четврток на 18 април и ќе бидат отворени секој ден од 10:00 до 20:00 часот, до среда 24 април.