Иницијативата на Бујар Османи за излегување од идејата за Отворен Балкан е удар на секој обид за функционално помирување и поврзување на земјите од регионот

Изјава на претседателскиот кандидат од Политичката Партија Левица, Билјана Ванковска за порталот МКД по повод Резолуцијата за Сребреница ко спонзорирана од Бујар и неговата намера за напуштање на Отворен Балкан:

Масакрот во Сребреница претставува несомнено едно од најстрашните и најмасовни злосторства извршени во 90-тите години. Меѓународно правно, за него е донесена одлука, врз основа на судски процес и факти, дека е извршен геноцид на одредена територија и популација за што не постои колективна (државна) одговорност, туку поединечна. Како и да е, и Сребреница, како и злосторствата извршени каде било, вклучително и во Македонија во 2001 не смеат да се заборават. Но, најновата иницијатива во ОН за носење резолуција за осуда на геноцид (формулирана на прилично амбивалентен начин и тоа од земји како Германија и САД) е во најмала рака дегутантна поради геополитичката заднина и најмногу од се’ поради лицемерието. Во време кога во Газа се врши геноцид, за кој западот нема ни очи ни уши, тој решил да ја дисциплинира Србија за злосторство кое е процесуирано и се случило во 1995! Одлуката на Бујар Османи, кој е истовремено министер во техничка влада и претседателски кандидат, а кој не го осуди геноцидот во Газа до ден денешен, е недолична и насочена кон себепромовирање.

Иницијативата на Бујар Османи за излегување од идејата за Отворен Балкан е удар на секој обид за функционално помирување и поврзување на земјите од регионот кои уште не ги залечиле раните. Тој постапува како (голем) Албанец и ги покажува своите антисрпски сентименти заради кои ги жртвува дури и интересите на Македонија. Очигледно, во него нема штоф ниту за прв дипломат, а уште помалку за државник.