Ванковска: Претседателските кампањи поминуваат во отсуство на вистинска дебата

Предизборните активности, Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица, Вчера попладне ги продолжи во Охрид. Таа освен што пред граѓаните презентираше делови од програмата се задржа и на актуелните теми во предизборието.

„За Охрид може да се зборува и низ една посебна призма која е актуелна на овие претседателски избори, за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Како што знаеме бугарската јавност и историографија дури го смета Охрид за колевка на бугарштината. Одовде јас порачувам дека како иден претседател никогаш нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот затоа што во план имам сосема нов Устав. Меѓутоа морам да укажам дека сите оние бајки за одложено дејство на уставни промени се само замка во која ќе влеземе исто како во Преспанскиот договор. И знаете, еден медицински израз за одложено дејство е ретард. И нека размислат што прават“ рече Ванковска.

Ванковска и од Охрид порача дека нејзина заложба е сосема нов Устав зашто постоечкиот, ваков каков што е не само што не е употреблив туку е и трибалистички, етнонационалистички и Устав кој дели место да сплотува.

„Мојата агенда предвидува иницијатива за донесување сосема нов Устав кој би го донеле ако не во 2024, бидејќи самиот процес бара време, тогаш во 2025 година. Се разбира конечниот збор ќе го има парламентот. Меѓутоа низ една дебата, конструктивен процес со граѓаните, да направиме нешто како Чиле што направи, да направиме едно уставотворно собрание, народно, да понудиме еден модел на Устав што ќе го ставиме на увид на јавноста. Сакате ваков трибалистички, етнонационалистички кој не дели или сакате да бидеме држава во 21 век“ истакна Ванковска.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска од Охрид порача дека во отсуство на вистинска дебата, противкандидати поставуваат нереални очекувања и барања, особено од Македонската радио телевизија па затоа останува таа и Левица да говорат на овој начин, меѓу граѓаните.