Дамева – Од член на правната комисија на СДСМ до Претседател на Судски совет

По повторување на процесот на гласање резултатот повторно беше ист. Десет гласа „за” и само еден „против” за изборот на Дамева за претседател на Судскиот совет.

Весна Дамева е нов претседател на Судскиот совет на Република Македонија. Како единствен предлог Дамева, на денешната седница беше изгласана со десет гласа „за” и еден „против”. Изборот на Дамева, доаѓа откако Павлина Црвенковска минатата недела, на неколку месеци од истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од позицијата претседател на Судски совет.

„И по две години, ќе бидете горди на ова гласање. Благодарност до медиумите, вие сте двигател. Голем предизвик е за мене, со реформите во тек, да бидам на чело на оваа институција која мора да се издигне на нивото кое го заслужува. Јас заедно со колегите, ќе го понесеме главниот товар и ќе го напреднеме судството согласно насоките од ЕУ и да има голем успех ако работиме заедно“, кажа Дамева.

И покрај тоа што излегува од редовите на СДСМ и тоа во време кога има жестоки критики за партизација и коруптивност во правосудството, колегите ја претставија како личност со интегритет.

Потсетуваме дека довербата во македонското судство е помала од 8%, а само во изминатите неколку седмици соселанецот на Ахмети, Абази стана Шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ДКСК откри дека синот на Џафери положи правосуден испит пред да дипломира, за денес правничката од СДСМ да стане Претседател на Судски совет, сето ова во време кога ЕУ повикува на реформи во судството.