Општините – Неефикасност без дно! Дали е време да се укинат?!

  • Пишува: Александар Домазетовски – Дипломиран економист – Член на Левица – Сектор финансии

Во 90 те започна процесот на децентрализација со кој се очекуваше јавните услуги да се доближат повеќе до граѓаните со кои се зголеми бројот на општини од 34 на 128 општини, за подоцна да се намали на 80 општини. Секогаш изговорот за ваквото проширување и давање на поголема власт на локално ниво беше “Поблиску до народот”.

Но, дали народот ги виде досега бенефитите од ова општинско организирање. 

Со ретки исклучоци НЕ.

Поминаа 30 години и може да се заклучи дека профит од општинското организирање имаат само партиските бизнис интереси и тоа секокаш на штета на хуманото живеење.

Колку пари досега се потрошија, колку обуки досега се направија за општинската администрација, колку странски донации досега добија општините за да го подобрат квалитетот на јавните услуги?! Има ли ефект од сето тоа?!

Општините добија огромни права, но никакви вистински обврски спрема граѓаните.

Општините добија право да го уредуваат просторот околу нас , да носат урбанистички планови кои само на мала група им одговара додека граѓаните се ставени во втор план. Тоа е така, затоа што урбанистичките планови ги изработуваат приватни проектантски бироа по мерка на потанцијалниот приватен инвеститор. Општините можат да глумат дека наводно водат некаква дебата за некое урбанистичко решение, во 10 часот во некое ќоше на некоја слепа улица, којa никој ниту ја видел ниту ја чул. Општините ти велат дека граѓаните имаат право на приговор или жалба, но истата скоро секогаш е одбивана па дури и ако ја напише експерт од дадената област.

Општините може да продадат државно земјиште за да може некој да дооформи парцела за градење објект. Општината може да ви рече дека се’ е по закон, а кога ќе прашате каде децата и возрасните ќе се рекреират, каде ќе ги паркираат своите автомобили, каде ќе се лекуваат и каде ќе се образуваат новодојденците, е тогаш креваат раменици или одговараат одете да живеете на село.

Премногу тони бетон и челик се истури врз секое парче зелен простор во Скопје. Не е подобра состојбата и во другите градови.

Основен фактор да нема загадување е да има проток на воздух, но не можете да имате проток на воздух кога ставате бетонски брани насекаде без никаков минимален стандард за растојание од еден до друг објект. Друг проблем кој се јавуава е бетонизирање на цели населби, односно правење на зграда со минимум 10 стана на место каде предходно имало семјна куќа.

Се доведовме во состојба како во Дебар маало, односно дебармализација на Македонија,  каде од секоја куќа никнува зграда без никаков зелен појас со истите улици кои се направени за населба со куќи.

Нема нови градинки, нема нови училишта, нема нови здравствени  и културни домови.

Има само БЕТОН, БЕТОН, БЕТОН.

Едноставно е. Општините живеат од приходи од давање на дозволи за градби. Значи нивната логика е повеќе градби поголеми приходи. Но, земјата е ограничена и затоа не може неограничено да се гради на еден простор.

Оние кои велат моја е куќава, парцелава и т.н., треба да им се дозволи да градат максимум два спрата и поткровје за свои потреби, а не да го продадат земјиштето или куќата за да изгради некој 10 катна зграда.

Секаде во светот постојат населби само со куќи и населби само со згради. Не може да имате комбинација од двете на мал простор.

Секогаш јавниот интерес треба да биде пред личниот.

Државата треба да увиди секаде каде што нема простор повеќе да се гради или евентуалната градба би го спречила хуманото живеење во едно маало, да ги обештети сопствениците на парцелите за потенцијална градба со државни обврзници, а одземеното земјиште до го искористи за изградба на парк, улица ,паркиралиште, градинка, училиште или здравствен дом зависно од потребите на тој простор.

Општините ја злоупотребија својата позиција и во креирање на меѓуетнички конфликти со тоа што секоја општина си зема за право да менува имиња на улици, школи, поставување на споменици, знамиња кои се спротивни на волјата на мнозинството. И овде граѓаните се изложени на постојан трошок за менување на лични документи поради промена на адреси.

Злоупотребата на општините оди дотаму што тие одлучуваат кој на која градинка или училиште ќе биде директор, кој ќе се вработи во градинките или училиштата со или без договор на дело, без јасно дефинирани критериуми. Општината одлучува и кој ќе доставува храна во училиштата, кој ќе организира екскурзии. Општината одлучува на кој деловен простор колку квадрати тераса ќе му се одобри.

Но, дали правилно постапува?!

Дали е нормално на 10 квадрати дуќан да му се даде 100 квадрати тераса. Прво се поставуваат столици, па се додаваат чадори. По извесен период се става тенда со столбови. Потоа се заѕидува терасата и ете ви деловен простор пораснат од 10 до 100 квадрати цврста градба.

Друг проблем е ако имате деловен објект во станбена зграда, каде резидентите не можат да паркираат пред својата зграда ниту лесно да стигнат до својот дом движејќи се слалом меѓу маси, столици и гости.

Има безброј примери на узурпација на јавен простор од кафулиња и ресторани до казина и кладилници. Градежни инспектори во општините како да не постојат или не го гледаат она што сите го гледаме.

Нормално, се’ е по закон бидејќи е платена такса кон општината.

Но, дали е нормално луѓето да се силуваат со гласна музика и ласерска светлина до пет часот наутро?! Дали е нормално едно кафуле, кафана, клуб, казино да е позначајно од здравјето на 1000 жители во најблиското опкружување?! Дали не е време да се воведе правилото на согласност од 80 % од домицилното население?

Потребно е граѓаните да имаат шанса да се изјаснат дали се за или против некој објект во своето најблиско опкружување, видот на дејноста која ќе ја обавува тој објект и истите дирекно да можат да го затворат објектот доколку хуманото живеење на граѓаните станува невозможно.

Според последниот извештај на Државниот ревизор за општините се потврдува впечатокот, кој одамна е познат во јавноста, дека намаат кадровски капацитет да се носат со обврските кон граѓаните. Згора на тоа се превработени со партиски кадри кои не одговараат на општинските потреби.

-Општините се неликвидни, постојано се задолжуваат, трошат донирани финансии од буџетот, а не се доволно транспарентни како се трошат народните пари. Општините се 50-70% зависни од централниот буџет преку дотации и се абсолутно финансиски неспособни. 

-Општините намаат целосна контрола, каде и како да ги наплатат приходите кои треба да ги соберат.

-Општините немаа јасни правилници за ажурно водење на сите приливи и одливи кои треба да ги спроведат како и систематизација за интерна ревизија.

-Општините немаат доволно капацитет да организираат добра противпожарна заштита, бидејќи немаат доволно средства за тоа.

Обичниот човек не го интересира кој е надлежен за нехигената во неговото место. Дали е тоа општинското  комунално претпријатие, градското комунално претпријатие или државното комунално претпријатие. Едноставно гледа ѓубре и хаос насекаде и тоа трае со децении.

Обичниот човек не го интересира кој има ингеренции да управува со депонијата каде се гори ѓубрето и се исфрлаат огромни количини токсични материи во воздухот.

Обичниот човек не го интересира кои со кои советници се скарани во градскиот совет и не можат да донесат одлука за функционирање на јавниот превоз. Обичниот човек има мизерен јавен превоз.

Обичниот човек не го интересира кој треба да спроведе јавни набавки за некоја услуга и колку долго треба да чека.

Обичниот човек не го интересира каде е замислената гранична линија од 100 метра помеѓу две општини каде никој нема ингеренции за тие 100 метра простор, каде истите се дават во кал, ѓубре, без атмосферска и фекална канализација.

Обичниот човек не го интересира кој треба да ја закрпи улицата, градот или општината.

Обичниот човек не го интересира кој е надлежен да ги отстрани уличните животни кога ќе повредат некој човек или дете.

Обичниот човек не го интересира кој е надлежен за светлото во неговата улица кога го  нема.

Обичниот човек не го интересира кој е надлежен за рушење на дивоградбите во општините, реките, езерата, планините…Матка, Охрид, Маврово, Попова Шапка и т.н..

Обичниот човек е понижуван со децении за да го прифати ненормалното за нормално.

Согласно се’ погоре кажаното останува само едно разумно и рационално решение, а тоа е укинување на општините и превземање на сите ингеренции под државна контрола која ќе биде максимално одговорна. Така ќе се избегнат високите трошоци за организирање на локални избори, градоначалници, советници, непотребна администрација.

Владата ќе се бира на четири години и ќе нема оправдување за наредните избори дека одредени сегменти не ги решила бидејќи општинската власт била опозициска. И обратно, нема да може општината да се вади дека не ги решава проблемите на граѓаните бидејќи има опструкции од власта.

Решението е во формирање на осум регионални развојни едници кои ќе бидат исклучиво административни, а не политички.

И силна Државна агенција за урбанизам и просторно планирање која ќе креира генерални и урбанистички планови по сите стандарди за хумано живеење кои ќе важат за наредните 50 години и ќе се почитуваат од сите идни влади на ниво на Устав.

На народот му треба одговорна власт. На народот му треба воздух.