(ВИДЕО) Ванковска: Заврши историската функција на Рамковниот договор, мора да излеземе од стравот и да разговараме за 2001

Рамковниот договор си ја заврши својата историска функција во едно драматично време, а ако сакаме понатаму треба да се соочиме – или одиме во бинационална, федерална или федерализирана држава или ќе се вратиме и ќе бидеме како нормалните држави. Ова во интервју за МИА го изјави кандидатката за шеф на државата поддржана од Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, прашана кои се нејзините заложби како претседателски кандидат.

Ванковска рече дека е за една нормална демократија.

„Еве, почнувам од Рамковниот. Тој си ја изврши својата функција во едно драматично време, беше наметнат однадвор како наводно мировен договор имплементиран делумно во Уставот. Дваесет години Рамковниот покажа дека од час во час ние завлегуваме во една либанизација, во една уште уставно втемелена етничка сегрегација која веќе доаѓа до апсурд, веќе немате ниту една институција која можете да ја конституирате без да го имате и етничкиот фактор. Во граѓанските држави, во вистинските демократии каде што демосот, граѓанинот владее тоа не е природна работа, така што мојата поента е дека Рамковниот договор си ја заврши својата историска функција и ако сакаме понатаму треба да се соочиме или одиме во бинационална федерална или федерализирана држава или ќе се вратиме и ќе бидеме како нормалните држави“,

Според Ванковска, Рамковниот договор е предмет на табуизација во земјава и нешто од кое, како што вели, се прави светиња и додава: „мораме да се излеземе од стравот и да разговараме за Рамковниот договор и за 2001 година“.

„Тоа е табуизација на нештата или правење од нив светиња дека ако тоа го допреме – готово, утре ‘калашниковите’ повторно ќе излезат на улица. Не можеме така да живееме, не можеме со страв да живееме. Помладите генерации не се ни сеќаваат на 2001 година, не биле родени или биле многу млади, а сега живеат со тоа убедување дека таму е клучот на мирот. Ако така веруваме, тогаш ние немаме ни мир ни ништо, ние сме заложници на сопствениот страв“,

Taa oцени дека ефектите од Рамковниот договор стануваат погубни, а дека младите и покрај потребните квалификации си заминуваат од земјава поради тоа што, како што вели, немаат партиски книшки.

„Ги гледам моите студенти, и Албанци и Македонци, сите го споделуваат тоа како ‘овде не се живее’. Не знаете дека со своите одлични оценки ќе добиете работа. Дури имам студенти Албанци кои велат ‘јас сум единствениот глупав Албанец кој има и диплома и сè, ама немам партиска книшка и не можам да се вработам и ќе си одам“,

Во интервјуто за МИА, претседателската кандидатка поддржана од Левица повтори дека една од заложбите како кандидат за шеф на државата е раскинување на договорот со Бугарија, но и отворање уставна дебата и процедура за менување на целиот Устав.