Државата ќе враќа 2,2 милиони евра злоупотребени пари од програмата на Еразмус

Поврат на 2,2 милиони евра ќе треба да изврши Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за средства злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“.

Националната агенција, во текот на овој месец добила известување за конечност на одлуката откако претходно на 30 ноеври 2023 година по електронска пошта од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) биле информирани за барањето за поврат.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски вели дека во известувањето биле информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“ финансирани од Европската комисија.