Димитров: 21 март – Денот на пролетта и поезијата

Автор: Тони Димитров, Координатор на Левица-Сектор Култура

Светскиот ден на поезијата наместо на Агората, ќе се чествува по моловите

На 21 март настапува пролетната рамнодневница и се смета за првиот ден на пролетта. Воедно, тоа е и Денот на поезијата, прогласен од страна на УНЕСКО во 1999 година, со намера да ја промовира поезијата како начин на комуникација. Обично, вакви значајни датуми, соодветно и достоинствено се одбележуваат. Културните центри и установи по тој повод организираат конференции, симпозиуми, работилници, проекции, поетски читања и други настани за достоинствено одбележување на Денот. 

Што се однесува до поезијата, барем ние имаме што да прославиме: Рацин, Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Андреевски… Оваа година се поклопуваат и неколку јубилеи, поврзани со овие поети и нивните дела. Затоа, Денот на поезијата и ќе се одбележи со одредени настани. А токму овој 21 март, кај нас ќе се прослави со соодветен настан во мол. Шопинг мол. Достоинствено – нема што. Токму како што би посакал еден Рацин, по повод 85  годишнината од издавањето на неговата збирка, „Бели мугри“. 

Годинава, културните центри, јавните културни установи, библиотеките и сите оние кои треба да ги организираат конференциите, симпозиумите, поетските читања и другите настани за достоинствено одбележување на Денот, се заглавени со изборните процедури на Антикорупциската комисија, во неможност да организираат настани, стравувајќи од кривичен прогон, поради исплаќање на и онака мизерните хонорари на авторите и учесниците, кои може да се протолкуваат како предизборен поткуп.  

Со овој глобален проблем, културната сцена не се соочува само оваа изборна година (впрочем, кај нас секоја година е изборна), туку е последица на комплекс од недоследности што придонесуваат за тивко згаснување на центрите и установите за сметка на моловите. 

Навредливо смешните и мали буџети на установите, си го прават своето. Во услови кога културата (темелот на општеството) живурка на маргините, обезвреднета од нападите на кичот, тривијални медиумски содржини, спонзорирани и цензурирани содржини на социјалните мрежи, од напливот на евтините културни индустрии и незаинтересираноста на публиката, наместо да се зајакнат буџетите, со цел културата да се постави на здрави темели, таа дополнително се еродира. 

Во една од минатите колумни зборував за културниот естаблишмент, чија задача е да го препознае културниот потенцијал и да го искористи и употреби. Тоа го прави секоја култура која интендира да биде препознатлива. Тоа е целта на секоја нација: да ја промовира својата култура и да го покаже сопствениот културен диверзитет. А тоа не може да се постигне со мизерните програмски буџети, бесмислените бирократски процедури, без нови вработувања и со ситното политикантство и сплеткарење. 

Политичката мизерија и осветољубивност, како на ниво на централната, така и на локалната власт, се манифестира и врз работата на центрите и установите, а со тоа и врз публиката, која е единствената колатерална штета. Така, на пример, на ниво на Градот Скопје, политичката мизерија и осветољубивост на Советот, која е насочена кон установите (читај: директорите!), преку негласање или блокирање на витални процеси, влијае токму на општото културно ниво. И службите не се амнестирани од процесите, па наместо да помагаат или, едноставно, да соработуваат, дополнително ги заплеткуваат работите и саботираат процесите со чинење или нечинење, секој од свои причини. И наместо овие процеси да течат непречено, со тоа овозможувајќи културата да се развива, тие непотребно се блокираат и бирократизираат, а резултатите се очигледни. Претходно споменатите настани, наместо да се случуваат на ниво на овие установи, се случуваат по молови. 

Пред некоја недела, еден музички колектив, составен од млади бендови, кој се обиде да организира фестивал, резигниран од небулозните процедури, во неможност да го реализира настанот и да излезе од баналното бирократизирање, реши, наместо да го откаже, да го направи во Градскиот парк. На отворено и бесплатно. 

Младешката енергија е нескротлива и има гадење од бирократија. И треба да има. Младешкиот ентузијазам живее овде и сега, и не треба да има разбирање за термините, роковите, договорите, преговорите, седниците, ситното политикантство, изборите и мора да биде ослободен од фиктивните правила на системот. Барем до одредена мера, до која ќе ја добие слободата на креацијата, а работите, сепак, ќе функционираат. Младешката креативност не ја интересира кој е на власт и кој се бори против кого во советот (или друго политичко ниво). И со право. Тоа се фиктивни борби на политичарите, за чиј исход културата е тотално незаинтересирана.  

Да не се разбереме погрешно, овој текст не е насочен против самите организатори на настаните по молови. Тие само бараат простор што ќе биде доволно ослободен од бирократските замрсености, кој ќе биде финансиски издржан и каде ќе им се гарантира минимум заинтересирана публика. Не се обраќам ниту кон самите (комерцијални) простори, кои, единствено, си го бараат своето место под сонцето и се борат за своето парче леб, во услови кога профитот им гарантира опстанок. Во такво општество, за жал, сѐ уште битисуваме. 

Проблемот го лоцирам во властите – од една и самите установи – од друга страна. Властите поради немање основен сенс за артикулација на сопствената политичка немоќ, заглибеност во дневно-политичките препукувања и немање сенс за препознавање (и што е најважно искористување) на културниот потенцијал на земјата, но и заслепени од желбата за власт и изгубени во дневно-политичкото препукување, не само што не го препознаваат, туку и го доуништуваат и онака скудниот културен потенцијал. Додека, пак, установите се виновни што не се способни да излезат од наметнатата политичка матрица, а следејќи ги бироктатските процедури, тивко замираат. 

Говорејќи општо, тоа е судбината на јавното. Јавното, насилно е потиснато од нашето слепило за општо и заедничко добро, со тоа ослободувајќи им простор на моловите, кои се градат на секое ќоше и го всисуваат и комодофицираат естетското и субверзивното, додека кладилниците, казината и продавниците за евтини кредити го еродирааат духот. Наместо поезијата да се чита на Агората, се чита по дуќаните. Наместо уметноста да се изложува по галериите, се изложува по кафетериите. Наместо концертите да се одржуваат по младинските центри, се одржуваат по дискотеки. 

Сè додека ни е поважно слепо да ги следиме процедурите и да немаме разбирање за принципите на културата, сé дотогаш културата (читај: младите!) ќе го бара(ат) излезот надвор од комплицираните бирократски канали, наоѓајќи ја својата утеха по моловите.