Пекинг ги предупреди САД во обидот да создадат Индо-пацифичка верзија на НАТО

Народна Република Кина остро возвраќа против САД во Пацификот. Индо-пацифичкиот регион „не е шаховска табла за геополитички натпревар“, рече кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји.

Тој истакна дека вистинската цел на стратегијата на САД во Индо-пацифичкиот регион е да се воспостави нова верзија на НАТО, предупредувајќи ја Белата куќа дека секој обид да го стори тоа ќе биде спречен.

Додека САД и НАТО мака мачат да се справат со кризата што се развива во Украина, кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, упати предупредување до администрацијата на Бајден да не ги повторува грешките направени во Европа со обидот да се создаде пацифичка верзија на НАТО во обид да ја ограничи Кина. Коментарите на Ванг беа дадени на неговата годишна прес-конференција по повод седницата на Националниот конгрес, како највисокото законодавно тело на земјата, која беше свикана во понеделникот во Пекинг. Ванг, нарекувајќи ги ваквите планови „перверзни дејствија“, изјави дека доколку САД ги спроведат „тие се осудени на неуспех“.

Ванг, исто така, ги критикуваше САД за подлабочувањето на нивните врски, вклучително и воена соработка и продажба на оружје, со Тајван. Ваквите политики, предупреди Ванг, „не само што го туркаат Тајван во несигуност, туку ќе донесат и неподносливи последици за американската страна“, додаваќи дека „Тајван на крајот ќе се врати во прегратката на татковината“.

Критикувајќи ги САД, Ванг истакна дека американскиот пристап има за цел само да ја одржи доминацијата преку „блоковска политика“ во областа, за која Пекинг верува дека ќе ја поткопа политичката и економска унија на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН), која веќе постои