Ванковска ја одби поканата за Ифтарска вечер од Пендаровски – не ѝ се јаде кога палестинските деца гладуваат

Тукушто добив покана за Ифтарска вечера, сега од претседателот Стево Пендаровски, објави на Фејсбук кандидатката на Левица за претстојните претседателски избори, Билјана Ванковска.

-Мојот одговор до Кабинетот го пренесувам интегрално во продолжение.

Почитувани:

Благодарам за поканата на Ифратска вечера упатена од претседателот Стево Пендаровски, која за жал ќе морам да ја одбијам. Имено, моето разбирање на демократската политика е во духот на секуларноста, на која впорчем не’ обврзува и Уставот. Државата и верските заедници се одвоени едни од други, а нам како претенденти за највисоката позиција во државата не ни прилега ниту во кампања, ниту вон кампања, да им се додворуваме на граѓаните со организирање средби од ваков вид.

Посакувајќи им на сите верници од муслиманска вероисповест лесни рамазански пости и среќни празници, сепак ќе укажам и на нужноста од заедничко изразување солидарност и емпатија за два милиони луѓе во Палестина кои намерно се изгладнуваат, а не постат, иако го почитуваат својот верски кодекс. Во најмала рака можеме да упатиме апел за итен прекин на огнот и доставување хуманитарна помош со овие луѓе, и особено децата, кои гладуваат во степен пострашен од оној во Дарфур или Сомалија.

Дозволете однапред да укажам дека мојот одговор ќе биде идентичен и за евентуална (како што разбрав, веќе медиумски најавена) покана за средба од ваков вид по повод велигденските празници.

Верувам дека средствата наменети за овие средби можат да бидат пренаменети за поблагородни цели. Ние, како претседателски кандидати, можеме да испиеме заедничко кафе во кое било кафуле во Скопје или на друго место без да создаваме трошоци и испраќаме несоодветни политички пораки до граѓаните.

Со почит,

проф. Билјана Ванковска

Кандидат за претседателските избори 2024