Интервју со Игор Радев за Патот на свилата

Интервју на Антропол со Игор Радев, еминетниот филолог, лингвист, синолог и преведувач, кој дипломирал класични студии на Философскиот факултет во Скопје, магистрирал лингвистика и применета лингвистика, а докторирал кинеска филологија на Пекиншкиот Нормален Универзитетот во Н. Р. Кина, на тема Патот на свилата.

  • Антропол: Дефиницијата, што претставува Патот на свилата?

Радев: Накусо, под „Пат на свилата“ се подразбираат трансконтиненталните врски на економска, но и културна комуникација, кои како крајни точки ги поврзувале Источна Азија, односно Кина, и Медитеранскиот басен, минувајќи притоа низ Централна Азија, Иран и Меспотамија, но странично разгранувајќи се и кон Индискиот потконтинент. Инаку самиот назив „Пат на свилата“ за именување на спомнативе магистрални линии употребен е за првпат од страна на германскиот географ Фердинанд фон Рихтхофен (1833-1905) во неговата За централноазиските Патишта на свилата до II в. н.е. (1877), па подоцна имево бидува популаризирано како во историографијата, така и во популарната култура. Инаку, Патот на свилата во својот целосен географски опсег почнува да функционира некаде на преодот од нашата ера, а за тоа можеби најзаслужна е династијата Ха̀н (202 п.н.е.-220 н.е.) од Кина, во чие време испратена е  дипломатската експедиција на Чжа̄нг ‘Чје̄н (†114 п.н.е.) во дражвите на Средна Азија, како и онаа на Ка̄н Јӣнг (преод на I и II век н.е.) до Римската империја, којашто успева да дојде сѐ до Месопатмија. Ако сакаме да поедноставиме, овие две патувања историски го „инаугурирале“ Патот на свилата, којшто од тогаш интегрално ќе се развива низ столетијата што следеле.

  • Антропол: Кои географски, историски и културни аспекти го прават Патот на свилата толку значаен во историјата и културата?

Радев: Како прво, не треба да се доведуваме во заблуда дека пред отворањето на Патот на свилата не постоеле долги линии на трговска комуникација меѓу државите и економските подрачја на антиката. Така, уште од II милениум п.н.е. функционира т.н. Пат на жадот, кој водел од наоѓалиштата на жад близу градот Хотан во Таримската котлина од Средна Азија сѐ до централните подрачја на Кина, а ова е во контекст на исклучителното културно значење на жадот во кинеската цивилизација. Уште порано, дури од IV милениум п.н.е. се тргувало по т.н. патишта на металите и лапис лазули (т.е. лазурит), низ коишто меспотамските цивилизации се снабдувале со метални руди од Мала Азија и Иранската висорамнина, но и со престижниот лапис лазули, за којшто во антиката било познато само едно наоѓалиште – локалитетот Сар-и-санг во денешен источен Авганистан, и сето тоа бидејќи, како што е познато, од геолошки аспект, Месопотамија е исклучително сиромашна со минерали. Тука ги имаме древните патни правци познати во историографијата како Via maris (Приморскиот пат) и Via regia (Кралскиот пат), коишто од III милениум п.н.е. преку Палестина и Сирија ја поврзувале долината на Нил, односно Египет, со меѓуречието на Тигар и Еуфрат. Секако, не смееме да го превидиме и прочуениот Пат на темјанот, кој го пронижувал Арабискиот полуостров од југ кон север, служејќи, пред сѐ, како магистрала за трговија со темјан, миро и аромати произведувани во Јужна Арабија и Рогот на Африка. Најсетне, го имаме прочуениот Царски пат на Персиската империја на Ахајменидите (550-330 п.н.е.) што водел речиси од брегот на Егејот во Мала Азија сѐ до престолнината на Иранската држава во Суза. Меѓутоа, сиве споменати комуникациски линии сочинувале само регионални патни мрежи. Заслугата на Патот на свилата е во тоа што низ првите векови од нашата ера овие регионални патни мрежи ги има поврзано во една обединета мрежа на комуникации, создавајќи го на тој начин првиот глобален економски систем. Што значи ова? Ние денес земаме здраво за готово дека ако, на пример, дојде до берзанска криза во Њујорк, и ние тука ќе почувствуваме последици, или доколку производството на нафта во Саудиска Арабија нарасне или опадне, тоа ќе доведе до економски превирања од Јапонија до Јужна Африка. Ваквото функционирање на светската економија како своевиден систем на сврзани садови за првпат го има овозможено токму Патот на свилата. Всушност, ран пример за тоа како цените на стоки од спротивните краишта на тогашниот познат свет што се движеле по Патот на свилата влијаеле на глобалните економски текови наоѓаме кај римскиот полимат Плиниј Постариот (23-79 н.е.), кој во својата Природна историја (Naturalis historia) бележи: „По најниска пресметка, Индија, Кина и Арабија внесуваат по стотина милиони сестерции од нашата држава секоја година – ете, толку нè чини  луксузирањето и нашиве жени!“  Изгледа најлесно било да се обвинат жените… тукуречи уште од времето на Адам и Ева.

Треба да нагласиме дека овој прв глобален економски систем катализиран од Патот на свилата претставувал полицентричен систем, каде што Патот на свилата како своевидна трансверзала минувал низ четирите главни економски круга на антиката: кинескиот, индискиот, иранско-месопотамскиот и медитеранскиот. Или, ако љубите попоетични метафори – доколку овие економски центри си ги замислите како бисери на ѓердан, тогаш Патот на свилата е нишката, којашто сите нив ги спојувала. Притоа често се заборава дека Патот на свилата имал две „инкарнации“, едната е копнената, која веќе ја опишавме, а втората е морската. Имено, поморскиот Пат на свилата ги сврзувал пристаништата на Кина преку Јужното кинеско море и Индискиот океан со оние на Индија, за на крај да заврши со две разгранувања во емпориумите на врвот од Персискиот залив во Месопотамија и Црвеното море во Египет.

  • Антропол: Кои главни периоди во историјата на патот на свилата се сметаат за најзначајни, и какво влијание имаа врз развојот на културите и историјата на регионите што го покрива патот?

Радев: Како меродавни историски периоди во развојот на Патот на свилата ги земам следниве три:

1) Почетниот, кога оваа патна магистрала на економска и културна размена започнува да функционира по целата своја должина, а тоа е, како што рековме, во првите два века од нашата ера. Тогаш пазарот и побарувачката на цивилизации и држави толку далечни едни од други како што биле династијата Ха̀н во Кина, Римската империја од Медитеранот, Партското и Кушанското царство од пределите на Блискиот Исток и Централна Азија заедно со Индија, ги определуваат и главните стоки, кои ќе бидат разменувани по Патот на свилата во вековите што доаѓале. Како куриозитет од овој период, прв човек од Медитеранаското цивилизациско подрачје, за кого е забележано дека ја посетил Кина е Маес Титијан, којшто од страна на александрискиот астроном, и географ Клавдиј Птолoмeј (circa 100-170 н.е.) е означен како „маж Македонец“ (ἄνδρα Μακεδόνα), но без залажување, тој најверојатно не бил од нашава Македонија на Балканот, туку потекнувал од Левантот, а она именување „Македонец“ по сѐ изгледа му била политичка идентификација во смисла на граѓанин на бившата Империја на Селеукидите, најголемата од државите наследнички на Александровото царство, која пак во римските извори често е нарекувана просто „Македонската империја“ (Imperium Macedonicum).

2) Периодот на најголемиот процут на Патот на свилата, кој трае некаде помеѓу VI и X век, кога тој го достигнува својот историски зенит во однос на вкупниот обем на размена на стоки, но и културни добра. Ова е епохата на династијата ‘Та́нг (609-907) во Кина, Сасанидската ера (221-651) во Иран, на која се надоврзале двата арапски халифата – Омајадскиот (661-750) и Абасидскиот (750-1258), паралелно на византискиот циклус на римската историја и империјата Гупта (319-550) во Индија. Тогаш особено доаѓа до израз интелектуалниот аспект во размната по Патот на свилата, како магистрала, по која се ширеле светските религии – будизмот, христијанството и исламот, но и зороастризмот и манихејството. Еве два мали куриозитета од религиозната комуникација по Патот на свилата во овој временски период: Малкумина од нас го сврзуваат Далечниот Исток или Кина со историјата на христијанството, меѓутоа тоа за првпат доаѓа во тоа подрачје во 635 г. и претставено од Црквата на Исток, јуриздикција со седиште во Месопотамија, користејќи го изворно како литургиски и богословски јазик класичниот сириски / арамејски, но при мисионерските потфати се служела и со пахлависки (средноперсиски), согдиски, туркски, кинески, а подоцна и монголски. Така, во Кина при династијата ‘Та́нг таа воспоставила митрополитска катедра со разгранета мрежа на цркви и манастири, при што на кинески јазик бил создаден завиден корпус на христијанска литература, како преводна, така и оригинална. Обрнете внимание на фактот дека сево ова е пред времето на Светите Кирил (826–869) и Методиј (815–885), пред Свети Климент Охридски (840-916)… Со други зборови, кинескиот јазик станал „христијански“ јазик пред нашиот, кинеската христијанска книжевна традиција е постара од нашата, како и од онаа на повеќето европски народи. Од друга страна, говорејќи, пак, за исламот, верувам исто малкумина се тие што знаат дека една од најстарите џамии во светот е џамијата Хуа́јшѐнг од Гуа̄нгчжо̄у, пристанишниот град во јужна Кина, која датира од VII век, а според исламската традиција основана е од Саад ибн Абу Ваккас (595-674), еден од придружниците на пророкот Мухамед, кој во 650 г. предводел делегација испратена од халифот Усман преку поморскиот Пат на свилата до ‘Та́нгска Кина. Впрочем, и во арапскиот свет ретко ќе најдете волку стара џамија.

3) Периодот на последниот процут на Патот на свилата од XIII и XIV век, односно епохата на интернационалната Монголска империја, кога за прв и последен пат речиси целото евроазиско копно станува дел од еден државен систем, што крајно ќе го олесни патувањето по Патот на свилата, овозможувајќи го феноменот на „светски патници“ од типот на Марко Поло (1254-1324) или Ибн Батута (1304-1369), а воедно ќе придонесе тогашните кинески технолошки и економски иновации, како компасот и барутот, но и книжните пари, да бидат пренесени понатаму кон Запад. Во оваа епоха Патиштата на свилата не служат само како трговски артерии, туку исто така и како канали на административна комуникација на Монголската империја.

  • Антропол: Кои се најзначајните културни и технолошки размени што се оствариле по патот на свилата, и како влијаеле на развојот на различните култури?

Радев: Веќе попатно и ги спомнавме некои од културните предмети на размена по Патот на свилата. Во суштина тие се неизброиви. Станува збор за идеи, религиски и философски учења, култови, научни парадигми, литературни форми, но и за музички жанрови и инструменти, уметнички стилови, па и мода за облекување. На пример, одамна е забележана сличноста во одредени постановки помеѓу философијата на Пирон (360-270 п.н.е.) и будизмот, а знаеме дека тој го придружувал Александар во неговиот поход во Индија, од каде веројатно и се запознал со ова учење. По патот на свилата патувале и научни идеи, па така, она што нам ни е познато како „арапски цифри“ биле пренесени од страна на Арапите после VII век од Индија понатаму на Запад. Уметничката литература во Кина  изворно била поистоветувана исклучиво со поезијата. Развојот на кинеската уметничка проза што ќе кулминира во жанрот на класичниот роман својот поттик го должи на будистичките џатаки (легендарни повести за претходните животи на Буда) увезени од Индија. Кога сме кај темава, дали знаете дека ликот на Сӯн Ву̀‘ко̄нг, волшебниот мајмун од кинескиот роман Патувањето на запад од Ву́ Че́нге̄н (1500-1582) најверојатно претставува артикулација на ликот на Хануман од индискиот еп Рамајана? Понатаму, класичната персиска минијатура, всушност, во голема мера својот естетски израз го должи на кинеската ликовна уметност пренесена во Иран со посредство на Монголите во XIII век. По Патот на свилата патувале и се разменувале дури и религиозни сижеа. Така, во 4-то поглавје на Лотосовата сутра, едно од најзначајните остварувања на махајанскиот будизам, се наоѓа верзија на параболата за блудниот син од Евангелието по Лука.  Особено интересен е следниов случај, кога едно исто сиже има „прескокнато“ преку неколку религии: Имено, од XI век натаму во христијанскиот свет станува популарна Повеста за Јоасаф и Варлаам, која претставува, всушност, христијанизарана верзија на животописот, поточно големото одрекување на Гаутама Буда, при што книжевниот наратив има сложен пат на пренос: 1) Индиски изворник, најверојатно Лалитавистара сутра (circa IV век); → 2) Пахлависка (средноперсиска) верзија на животописот на Буда (circa V-VI век); → 3) Арапската Книга за Билавар и Будасаф (circa VIII век), каде „Будасаф“ < „бодисатва“; → 4) Грузиската Повест за Балавар и Јодасаф (или скратено Балавариани; circa X век), преведена и адаптирана од арапски; 5) → Грчката Повест за Јоасаф и Варлаам (circa XI век), преведена од грузиски на грчки од Евтимиј Светогорец (955-1024); → 6) Латинската Повест за Барлаам и Јосафат, преведена од грчки во 1048 год.

Кога станува збор за технолошките иновации, хартијата е изумена во Кина од страна на ‘Цај Лун (50-121 н.е.), за во VIII век Арапите да ја прошират технологијата за производство на хартија првин во Самарканд, Централна Азија, а од таму на Блискиот Исток и во Европа. Во XIII и XIV век со кинеските изуми, како што се барутот и компасот преку Монголите за првпат се запознаваат и западните предели на Евроазиското копно. Во истиот период тие ја пренесуваат и идејата за книжни пари, која толку го фасцинирала Марко Поло, при што првите банкноти на светот биле издадени во XI век во Кина. Познатиот кинески стил на сино-бела порцеланска керамика изработена со помош на кобалтен оксид, всушност потекнува од Блискиот исток, а по Патот на свилата бил пренесен сѐ до Кина, каде, пак, била развиена техниката на производство на порцелан.

Не помалку важни во светската историја претставува и размената на земјоделски култури. Така, преку Патот на Свилата од Централна Азија во Кина влегуваат виновата лоза, лубеницата и дињата. Од источните предели на Азија во Медитеранскиот басен, пак, е трансплантирана оризовата култура… 

  • Антропол: На кој начин Јустинијан Први и хеленистичкиот будизам се поврзани со Патот на свилата? Кои се примери на нивната врска со трговијата, културната размена и идеите што патувале по овој историски пат

Радев: Нашиот „сограѓанин“ Јустинијан („сограѓанин“ во смисла дека тој е роден во Тауресиум, што најверојатно може да се идентификува со денешното село Таор во Скопската котлина) е сврзан на најнепосреден можен начин со Патот на свилата. Имено, токму тој е одговорен за преносот на серикултурата, односно технологијата за производство на свила, на Запад. Но да одиме по ред… Како оваа технологија, првично монопол и љубоморно чувана тајна на Кина, за првпат излегла надвор од својата татковина? Причината за тоа е романтична. Познатиот будистички монах и патешественик ‘Шјуе́н Ца̀нг (602 – 644) ја раскажува повеста што ја чул на своите патувања како една кинеска принцеза некаде во V век била посвршена за кралот на градот-држава Хотан од Таримската котлина, денес во најзападната кинеска провинција ‘Шӣнџја̄нг. Таа, пак, од љубов за него сакала како мираз да му го подари најскапоценото нешто, односно технологијата на производство на свила, прокриумчарувајќи му ги ларвите на свилените буби во сопствената фризура. На тој начин, Хотан успева да развие сопствена индустрија за производство на свила. Во врска со тоа како од таму тајната на производството на свилата се проширила понатаму на Запад раскажува историчарот Прокопиј Кесариски (circa 500-565): „Во тоа време (circa 550 г.) при Јустинијан Август дојдоа некои монаси од Индија, па откако го убедија императорот дека Римјаните нема потреба повеќе да купуваат свила од Персијците, му ветија нему дека ќе донесат сè што е потребно за производство на свила… Му рекоа тие дека биле во Сериндија (=Таримската котлина), каде совршено го имаат изучено начинот на производство на свила… Откако му го соопштија ова, поттикнати од штедри ветувања на императорот, тие замина на пат… Кога се вратија, со себе во Византиј донесоа јајца од свилена буба, кои се преобразија во црви што се хранат со листот на црницата. Ете, од тоа време започна производството на свила во Римската држава.“

Што се однесува, пак, на хеленистичкиот будизам, овој феномен се јавува после III век п.н.е., кога голем дел од елитите на хеленистичките државни творби во Централна Азија и северозападот од Индискиот потконтинент, настанати како последица на Александровиот поход на исток, го прифаќаат будизмот како своја религија. Ова доведува до особено креативна амалгамација на хеленистичката култура со будистичкото учење. Како литературно сведоштво на овој процес би го издвоиле делото Прашањата на Менандар (Милиндапања), кое жанровски е изведено како сократички дијалог помеѓу хеленистичкиот крал Менандар I Сотер (165-130 п.н.е.) и монахот Нагасена, и претставува едно од најценетите остварувања на будистичката книжнина. Сепак, најдалекусежен плод на хеленистичкиот будизам е неговото уметничко наследство. Денеска сме склони да ја поистоветуваме будистичката визуелна уметност со богатото вајарско творештво. Притоа, колкумина од вас знаат дека изворно ликот на Буда воопшто не бил претставуван во рамките на будистичката религија? Дури имаме случаи кога во релјефни сцени на неговиот живот најдалеку до каде се одело е самиот Буда да биде симболизиран со празен престол. Токму, пак, во хеленистичките држави од Индискиот потконтинент, а попрецизно во областа Гандара, смесетена околу градот Пешавар во денешен Пакистан, почнувајќи од II век п.н.е., за првпат визуелно е прикажан ликот на Буда во скулптурална изведба, и тоа според каноните на класичната хеленска уметност. Овој тип на религиозна уметност, подоцна трпејќи влијание и на локалниот индиски естетски сензибилитет, по Патот на свилата се шири низ цела Азија. Со други зборови, будистичката пластична уметност од Кина и Јапонија, па сѐ до Шри Ланка, своето постоење му го должи на феноменот на хеленистичкиот будизам.

  • Антропол: Денешниот пат на свилата не е традиционалниот пат што се користел во историјата, туку се однесува на модерните трговски рути и економски врски помеѓу различни региони, кои можат да бидат претставени од стратегии на трговија, инвестиции, економски коридори и слично. На таа основа, како гледате на влијанието на современите трговски и економски коридори, како што е Кина-Централна и Источна Европа, во однос на историскиот пат на свилата? Кои се најголемите предизвици и можностите што ги носи овој модерен пристап кон трговијата и економската соработка помеѓу различните региони?

Радев: Прашањето за специфичните економски импликации на современите трговски коридори што се развиваат стравувам дека лежи надвор од мојата компетенција. Евентуално би можел да направам историска паралела со древниот Пат на свилата во контекст на типот на економски модел, кој постоел во минатото за разлика од тој што доминира денес. Како што спомнав, глобалниот економски систем израснат околу Патот на свилата во првите векови од нашата ера претставувал полицентричен систем. За разлика од него, постојниот економски систем на светот, кој почнува да се вообличува во XVI век со колонијалната експанзија на атлантските држави од Западна Европа, функционира врз основа на парадигмата на центар, полупериферија и периферија, при што центарот својот материјален просперитет го базира врз експлоатацијата на полупериферијата и особено на периферијата. А тајната како оваа парадигма историски се има инкарнирано во реалност ни ја шепнува Семјуел Хантингтон во 2-то поглавје од неговата Судирот меѓу цивилизациите и престројувањето на светскиот поредок (1996): „Западот не го освои светот преку супериорноста на своите идеи или вредности или религија (кон кои, впрочем, малкумина припадници на другите цивилизации се имаат преобратено), туку поскоро поради неговата супериорност во примената на организирано насилство; западните луѓе често го забораваат овој факт, не-западните никогаш…“ Ако ве интересира, многу убава „вивисекција“ на глобалниот економски поредок, кој го живееме, ќе најдете во делата на Имануел Валерштајн (1930-2019), а особено во неговата Модерниот систем на светот (1974). Според од него опишаниот модел, во очигледен интерес на неприкосновениот економски центар, поистоветуван со она што ние вообичаено го ословуваме како „Запад“, е сите останати цивилизациско-економски подрачја да бидат држени „за вечни времиња“ во најдобар случај во статус на полупериферија, а во најлош – во статус на периферија, со цел, како што доволно песимистички заклучува и Александар Зиновјев (1922-2006) во неговата книга Запад – феноменот на западнизмот (1995), „…во  светот да не преостанат никакви ,точки на раст‘, од коишто би можело да израсне било што способно за нов облик на еволуција, различен од еволуцијата врз база на западнизмот; Западот, завојувајќи го светот за себе, ги истребува сите никулци на цивилизации од друг вид потенцијално способни за конкуренција; светот се претвора во бесплодна еволуциона пустина.“

Јасно дека монотонијава на „еволуционата пустина“, којашто во своето „безалтернативно“ суво грло тежнее да го вшмука до небиднина секое шаренило, секоја „другост“,  претставува историска антитеза на полицентричниот економски систем на Патот на свилата. Сетете се, од цивилизациско-економските кругови што ги поврзуваше класичниот Пат на свилата – кинескиот, индискиот, иранско-месопотамскиот, медитеранскиот, зарем можевме да кажеме дека некој претставувал „периферија“ на некој друг, што знам – медитеранскиот на индискиот или кинескиот на иранско-месопотамскиот? Секако дека не! Притоа, Патот на свилата ним им служел како коридор за рамноправна трговска, но и културна размена. Во овој контекст, пак, напротив, условно наречените „периферни“ подрачја, сите оние народи и градви-држави низ Централна Азија на потегот од големиот свиок на Жолтата река во Кина, па до прагот на Иранската висорамнина после оазата Мерв, како и приморските државни творби од бреговите на Црвеното море и Персискиот залив сѐ до Малајскиот архипелаг на исток (да не го изгубиме од вид и морскиот Пат на свилата), живееле како „бубрег во лој“, искористувајќи ја својата позиција токму за посредување меѓу споменатите големи економски подрачја.  

Но Патот на свилата сега е само сон, иако зборот „сон“ може да има две конотации – како носталгично припомнување на она што не се враќа или како мечта-проекција за во иднината. Кажете ми, после „крајот на историјата“ дозволено ли е уште да се мечтае..?