Погромот на Србите од пред две децении, партијата на Курти го опиша како мирен протест на Албанците
Соопштението на движењето „Самоопределување“ на Албин Курти за погромот што го доживеаја Србите на 17 март 2004 година не е ништо друго освен повик за нов линч на Србите на Косово и Метохија, а меѓународната заедница не смее да продолжи молчи за овој вид закани и манипулации со фактите, истакнаа денеска од Канцеларијата за КиМ на Србија, пренесува „Политика“.
„Подмолниот памфлет на „Самоопределување“, во кој погромот од март 2004 година е опишан како мирен протест, а Србите повторно се лажно обвинети за давењето на трите албански деца во селото Чабра, што полицијата на УНМИК тогаш го негираше посочувајќи дека се работи за случаен и трагичен настан, го потврдува очигледното – дека суштината на идеологијата на Курти е омразата кон српскиот народ и дека нејзината крајна цел е етничко чистење“, се наведува во соопштението.
„Самоопределување“ претходно, по повод годишнината од настанот од 16 март 2004 година, ги обвини УНМИК и КФОР дека не реагирале кога, како што велат, коха „мирните албански демонстранти биле застрелани од криминалци“ во северниот дел на Косовска Митровица.
Според толкувањето на таа партија, давењето на момчињата Албанци од Чабра „резултирало со организирање на мирен протест“, а Албанците кои излегле на мостот на Ибар биле застрелани, како што се тврди, од „српски криминалци“, поради што избувнаа протести низ цело Косово, наводно, „со барање за правда“.
Од „Самоопределување“ велат и дека ќе „бараат правда“ за тогаш изгубените животи, бидејќи во тие немири животот го загубија 19 лица, од кои 11 Албанци.
Канцеларијата за КиМ оценува дека исто како и во 2004 година, „албанските шовинисти се обидуваат да ја злоупотребат трагичната смрт на децата за да ги рационализираат своите подмолни намери кон српскиот народ, а идеологијата на Курти се покажува во нејзиното вистинско злосторничко светло“.
„Во тоа светло, сите објаснувања и оправдувања на Курти за неговите еднострани потези и институционализирано насилство насочено против српскиот народ не се ништо повеќе од најобични лаги и создавање алиби за спроведување на конечното решение на српското прашање на Косово и Метохија “, се вели во соопштението.
И Српска листа денеска реагираше на, како што велат, лагите објавени од партијата на Курти, за тој настан, оценувајќи дека тие се продолжување на опасната политика на омраза и идеологијата на зло кон Србите и кон се што е српско од Приштина.
Во соопштението се нагласува дека „оној кој го негира делото и ја прави жртвата агресор е подготвен да го повтори делото“ на што сме сведоци и денес, со секојдневни напади врз српскиот народ на Косово и Метохија, пукање врз српски деца, апсења, тепање, сквернавење на српски гробови и коски на предците.“
Статистиката за злосторствата и степенот на ова етничко чистење со кое се соочија Србите во 21 век пред очите на меѓународната заедница, како што се додава, е објавена од Советот за безбедност на ОН, УНМИК, ОБСЕ, Европската Унија и сите светски релевантни медиуми.
„Дури и денес застрашувачки звучи, повеќе од 4.000 протерани Срби, осум убиени пред својот праг, неколку стотици повредени, повеќе од 35 цркви и манастири уништени или сериозно оштетени, вклучително и оние на списокот на УНЕСКО како Богородица Љевишка, уништено речиси 1.000 српски куќи. Девет села и шест градови беа етнички исчистени од српскиот народ, над 10.000 икони беа уништени и осквернавени, а целосно беше спречено враќањето на раселените на Косово и Метохија“, наведуваат тие.
Од Српска листа потсетуваат и дека потсекретарот на Генералното собрание на ОН за мировни операции, Жан-Мари Генон, во извештајот на Советот за безбедност истакна:
„Иако на почетокот изгледаа спонтани, демонстрациите брзо беа преземени од организирани елементи со интерес да ги протераат косовските Срби од Косово и да му се заканат на меѓународното присуство таму. Нападот предводен од екстремистите од косовските Албанци врз заедниците на косовските Срби, Роми и Ашкали беше организирана, широко распространета и таргетирана кампања“.