Ванковска: Ним господ нека им прости, ама јас не можам

Јас проштевам секојдневно. Најлесен начин ми е да заборавам на лошите нешта кои ми ги сториле особено блиски луѓе (а каменот од блиску доаѓа, нели?). Моите најблиски ме прекоруваат дека прелесно заборавам кој што ми сторил и дека немам „црн тефтер“. Ми велат и дека сум премногу им верувам на луѓето, од почеток, уште кога не ги ни познавам доволно. Но, мојата појдовна точка е оваа: како што во правото постои пресумпција на невиност (дури и за обвинети), така и во меѓучовечките односи тргнувам од тоа дека луѓето се добри и не чинат зло намерно. Оставам да ме разочараат или докажат дека грешам, а дури потоа правам се’ да ги оддалечам од себе и да ги заборавам. Сметам дека осветољубивоста раѓа зла мисла, а јас во себе не можам да чувам зло, бидејќи прво мене ќе ме затруе, порача Билјана Ванковска.

-Денот е таков секој секому да му простува (по верска основа главно), но има нешта што ниту ќе ги заборавам, ниту ќе ги простам. Во моментов тоа е првенствено геноцидот во Палестина и оние дечиња кои умираат од бомби и глад, додека луѓето вртат глава на страна за да не ги гледаат и да не се вознемируваат. Не можам ни да заборавам ни да простам на оние кои свесно и намерно си играа(т) со нашето човечко достоинство, нè распродаваат за геополитички цели и свои лични лукративни добивки. Не можам да заборавам и простам воени злосторства. Не можам да приостам намерно и организирано зло, во која и да е форма, додава таа.

На крајот, кандидатката за претседател од редовите на Левица им порача на сите инволвирани во набројаните злосторства.

-Ним господ нека им прости, ама јас не можам.