Второ предавање: Зенитот на патот на свилата на Д-р Игор Радев во КИЦ

Утре 13.03.2024 (среда) со почеток од 19:19 часот во Културно информативниот центар – Скопје ќе се одржи Второ предавање: Зенитот на патот на свилата на Д-р Игор Радев , кое е дел од серијата предавања: Патот на свилата помеѓу историјата и културата.

Патот на свилата го достигнува својот историски зенит во однос на вкупниот обем на размена на стоки, но и културни добра, во периодот приближно помеѓу VI и X век. Ова е епохата на династијата ‘Та́нг (609-907) во Кина, Сасанидската ера (221-651) во Иран, на која се надоврзале двата арапски халифата – Омајадскиот (661-750) и Абасидскиот (750-1258), паралелно на византискиот циклус на римската историја и империјата Гупта (319-550) во Индија. Тогаш особено доаѓа до израз интелектуалниот аспект во размната по Патот на свилата, како магистрала, по која се ширеле светските религии – будизмот, христијанството и исламот, но и зороастризмот и манихејството. По Патот на свилата се создавала и ненадмината литература, истовремено и визуелна уметност, при што меѓу цивилизациите од едниот до другиот крај на евроазиското копно биле разменувани книжевни форми и сижеа, но и уметнички стилови и мотиви. Воедно, и технологиите патувале по истите линии на комуникација, па така, токму во овој период од Кина кон Запад се шири техниката за производство на хартија, но и серикултурата, т.е. техниката за производство на свила, за што, како што ќе видиме, најзаслужен е византискиот император Јустинијан I. На крај, ќе биде даден и осврт на прашањето за византиско-кинеските диплматски односи во раниот Среден Век.

Влезот на настанот е бесплатен.