Ванковска: Изборите нека бидат нашата освета

  • Фејсбук статус на Билјана Ванковска

Во наредниот приод ќе се изнаслушате многу фрази за нужност од „радикални и длабоки реформи“, „европеизација“, дека „власта извира од вас“ и слично. Не знам колку сета таа фразеологија воопшто допира до вас. Колку воопшто ќе не’ слушате?

Но, во свое име ќе кажам дека кога слушам за „радикални и длабоки рефроми“ не знам што мислат со тоа, бидејќи зборот радикално не оди со реформи. Тоа е оксиморон.

Нам ни треба револуција на духот и промена на системот. Не е работата само да се смени лидерот (или ќе ви речат „лидерскиот принцип бил најважен“, некој имал „менаџерско искуство“, а друг „политичка кариера“). Работата е како да се смени системот, кој треба да му се врати на народот. Не е доволно само на денот на изборите да ве повикаме на „празникот на демократијата“. Тоа не е никаков празник, бидејќи демократија или има ПОМЕЃУ еден и друг изборен циклус – или воопшто ја нема. И второ, демократијата врзана само за изборите и за политичката сфера (кој каков дел од политичкиот колач ќе зафати) воопшто не е демократија, туку избор на волкот кој ќе го „чува“ стадото.

На Македонија ѝ требаат радикални промени. Системот е против нас, а не ние против него – беше паролата на младите во Португалија пред извесно време. Во ваков систем, сите сме заробеници на елити кои глумат демократија додека не завршат изборите. Нам ни треба демократија, т.е. право на одлучување за сопствените работи на секое ниво на општествено живеење, вклучително и во социо-економското.

Ќе речете дека е тоа радикално? Дури мислам и дека не е доволно радикално. Или, да го парафразирам Ленин, секој мора да се бори да биде толку радикален колку што е радикална стварноста. Нашата севкупна стварност е не само радикална, екстремистичка, туку е и БРУТАЛНА. Во секој поглед – од образование до здравство, култура, јавни служби, социјална заштита, пензионерски систем, работнички права, женски права, итн.

Затоа, реформи, поправки, козметики и шминки, тешко ќе ги решат суштинските проблеми кои лежат во основата на едно неправедно капиталистичко општество во кое власта зависи од олигархии, картели, медиуми, НВО сектор, сите зависни од странски амбасади на колонизаторите.

Да бидеме радикални, бидејќи вака повеќе не можеме да се надеваме на ништо. Да бидеме реални, да го бараме невозможното. Нештата да се сменат од корен. Ако прифатите уште еден политички (питом и културен) циркус, значи дека или сте капитулирале или сте дел на системот на експлоатација.

Изборите се ближат, па затоа треба да бидеме прагматични: да изведеме изборна револуција, изборите нека бидат нашата освета за три децении изгубени животи и надежи од елити кои само си ги менуваат местата. Но, вистинската револуција почнува на денот по изборите.