АктуелноЛокалноНастани

Зошто никој не зборува за Рамковниот договор, прашува Ванковска

Зошто никој не зборува за Рамковниот договор? Дали стана света книга? Дали уште ќе не’ плашат дека е тој фактор на мирот, инаку „ќе (го) пукне“? Ако за 20 години овој ВРЕМЕН и само рамковен договор не создаде услови за позитивен мир, а не за негативен (отсуство на „ќе го пукам“), тогаш треба да се прашаме која е неговата улога денес?! Зошто се држиме, т.е. тие се држат, за него како слеп за стап? Одговорот е јасен: само во ваков етнотрибалистички, племенски систем, карикатурални ликови и лица склони на насилство можат да бидат елити! Ним им одговара меѓу нас да дигаат етнички бариери, да не вртат едни против други, додека заедно не’ експлоатираат и распродаваат на свои блиски или странски корпорации, вели Билјана Ванковска.

Кандидатката на Левица за претседател на Македонија додава и дека сме станале робови на систем кој создава примирје наместо мир.

-Ние сме робови на еден повоен систем кој создава „примирје“, а не мир. Ние сме нивни заложници, а им чини и на едните и на другите зошто не’ дисциплинираат врз основа на нашата лојалност кон еден режим кој нема ништо заедничко со народната демократија и народниот суверенитет.

-Апсурд е (по)воен договор да вклучиш во уставна преамбула – војната од 2001 година чии рани се’ уште не се залечени, е прогласена на уставна вредност и наша историска придобивка. Колку е тоа нормално, кажете ми? А потоа уставните амандмани го деформираа оригинално замисленуот систем на либерална демократија во консоцијациска (племенска, етничка недемократија – затоа што нема демос, туку етноси кои треба да се гледаат како ривали).

-Затоа сум била и се’ уште сум против Св. Рамковниот договор. Се’ додека се крстиме во него, ќе живееме се’ полошо, па затоа децата ќе ни бегаат во земји во кои вакво чудо нема.