Миротворци, државници, чудотворци

  • Пишува Мери Георгиевска – раководител на Академски сенат при Политичката Партија Левица

Според Достоевски, основните столбови на Власта се: чудото, тајната и авторитетот. Арно ама вакво чудо какво што се случува во Македонија, ниту било ниту ќе биде. Никаде на светов нема вакво чудо! 
Има неподносливо долга власт чија јавна тајна на егзистирање е распарчување на Републиката, и неподносливо долга опозиција (читај ко-власт или соучесник), кои седум години глумат Барби и Кен, односно постојано, упорно и постојано произведуваат и перформираат чуда.


Испаѓа дека живееме во земјата на чудесиите. Светот не може да ни се изначуди.
На власт се луѓето што не можеа да ја смислат Македонија, што ја разобличија, што се самотронизираа на скалите на Парламентот на РМ, додека опозицијата беше скаменета и скопена од ум за да реагира, багра што го понижи народот и го изнасили да се вика Северен Македонец во секој еден документ, што ги понижува граѓаните да чекаат со часови не ред, ами неред за да добијат документи со кои ќе бидат разобличени, апатриди и Франкенштајни на власта!

Квази опозицијата или Мицковски си го тера неговото стадо под мотото: „Нов бунар копај, во стариот не плукај! За секој случај.  

Никој не може да изведе вакви чуда како што тоа го може коалицијата на нашата власт и опозиција!

Никој не може да формира Министерство за смрт, каде народ чека со месеци да сними колена, да направат магнет на кичма, да одат да поправат заб, да си го провери рокот на траење на белите дробови во гаснава комора која ја дише и слично.
Се што ќе направи власта, квази опозицијата премолчува и си ќути, понижувајќи го народот, а особено нивните гласачи со мотото – „Секое чудо за три дена.“

Чудата понатаму се редат како на филмско платно:
големи, мали, плитки, длабоки, смислени однапред и смислени одпозади, долготрајни и наврапити. Бизарни и банални……

А бе никој, никој мили мои луѓе, не може да изведе вакви чуда како овие две обединети властозиции.
На сопствениот народ кого го потценуваат му порачуваат ладнокрвно;
„Дали сакате да сте на суво, додека врне?“
„Ама кога ќе мине зимата, бати гуната!“

Арно ама, зимата на гладниот народ не минува. Не минуваат ни пролетта, ни летото, ни есента.
Гладниот народ не е слеп при очи и глув при уши да чека и да одвојува од устата за да ги плаќа вртоглаво високите сметки уште триесет и кусур години!

Зошто кусур нема веќе. Не остана! Аш кусур.

Се чекаат редици за Лото. Остана уште Лото.

Пред некој ден многу ми се дожали, кога пред лото штанд видов како осумдесет годишни луѓе чекаат да уплатат игра на среќа. Долг ред од бели коси. Па дали нив им требаат пари или чекаат со по едно кисело млеко во торбите да добијат на лото за децата?!

Народот е разбуден. Изборите се ближат. Народот ќе им пресуди.
Тој, народот, не сака да е роден во Македонија, а да умира во Северна. Сака достоинствен живот. Каков што заслужува! Не сака дислокација на Татковината!

Порано, не многу одамна имавме едно име за подома, едно за понадвор. Сега имаме природна катастрофа!
Ако почне да се топи северна, и остане само Македонија, ќе го викнат Дејвид Коперфилд за уште едно чудо!

Едно што сигурно знам е дека постои карма. И да, Северна ќе почне да се топи. Природните појави се непобитни. И ќе надојдат реки, потоци, поројни дождови. Републиката ќе започне да се напива од чисти извори. Ќе започне да се топи благодарение на третата опција. Благодарение на Левица. Ќе си ја вратиме Македонија. Ќе си ја вратиме благодарение на нејзиниот лидер проф. Д-р Димитар Апасиев и нашите вредни другари, со кои заедно ќе ја стопиме сантата лед на северна и благодарение на чија идеја и материјализација на истата, ќе поживееме на овој свет достоинствено, мирно без да се грижиме за опстанокот.
Сега му е и мајката и таткото!

Најдемократскиот чин во Македонија ќе се случи на следниве избори, а тоа е распадот на СУМ или Сојузот за Укинување на Македонија.
Народот овојпат нема да гласа едноумно.
Оти веќе му е јасно дека и покрај што сме мала и мирољубива земја, пендрек вадиме само пред избори.

СУМ или Сојузот за Укинување на Македонија (сдсдпмне) ќе се распадне.
Господ е голем! Грабежот претече. Експрес лонецот експлодира.

Та ако една сила како Германија пријавува рецесија, тогаш нашите милионери, упс акционерски хидро друштва, што ја проучуваат класичната философија може да бркнат во џебот и да интервенираат на германскиот пазар со дотур на свеж капитал?!
Чудо невидено, нели?


А што да се каже пак за нашето економско чудо?
Влегувате во маркет, и излегувате без месо и млечни производи со 1000 денари потрошени, исто како 100 денари пред 30 години или на времето – во Југославија, „една банка“, или „една чрвена“, кога им продававме левис и старки на источните соседи. Па рачунајте го сега грабежот!
Грабежот што го издржува, живее и поднесува македонскиот народ и сите етникуми што живеат на ова тло, не може да го издржи ниту еден друг народ на свет! Алал да ни е!

Некои тука ќе си помислат, па тоа не е чудо, ова се случува 2000 години наназад?!
По стоттина окупации што Македонија ги преживеа, таа демек може да издржи и поголем грабеж?! Па ако сме луди да им дозволиме!

После знамето, па името пута два, они од СУМ имаат на ум да ја грабнат и неа самата, да ја прошверцуваат како што тоа го прават со законите во Парламентот, како со подзаборавениот шверц на цигари, па нафта, оружје, дрога, битолчаните и канцерогените води од Рек, како со Преспа, Охрид, со Топилницата на човечки бели дробови во Велес, со стечајците, со амнестијата со кривичен законик, со незаконскиот попис, со донесувањето на законот за државјанства, па се до невиденото чудо – зголемувањето на платите на функционерите!
Они станаа Хирошима и на нашето економско чудо!
Нам Мичурин ни е до колена. Ние со гордост на генијални научници секојдневно одбјавуваме нови чуда.
Клетата опозиција, која сега предизбори продава урда за сирење е во сојуз со овие чуда. А овој факт уште повеќе ги поттикнува чудесиите.

Во рамките на следното чудо е нашето влегување во Европа, кое ќе не снајде во најскоро време (според календарот на Таче, Мицковски, и нивните претседателски кандидати, секој момент влегуваме.)
Што рака на срце не е мало чудо. „Велико чудо“, што би рекол српскиот народ.

И уште едно чудо, да не изумам – рекорден број на миграции од сопствената Татковина! Чудо невидено!

А да, и мазутот е поефтин од гасот. Ќе заборавев. Па нормално, кога здружените сили си го чуваат само сопствениот гас. Ако им експлодира гасот, може да стане лошо за народот, па така они си го чуваат покриен. Е добро де, некој ќе го открие од време на време. Ама секое чудо за три дена.

Е сега;

Замислете си го тој ужас;
Македонија да стане пристојно место на живот!?
Земја без чуда, ами земја за пример, самоодржлива, земја во која народот ќе биде среќен, земја во која синовите и ќерките ќе се вратат со високо кренати глави, земја во која нема да се чека термин за умирање, земја во која ќе се живее, земја во која нема да дишеме отпадни материјали, земја во која нема да има потреба од подмитување за да се посвои некое детуле од домот за сирачиња, негушнато од раѓање, земја во која земјоделците ќе си бидат исплатени за она што го создаваат, а создаваат живот, земја во која банките нема да го пљачкаат народот со камати од кои имаме нагон за повраќање, земја во која што ќе владее правото. Едноставно земја без чуда. Земја со остварувања, реални, достапни, земја во која секој човек ќе биде испочитуван како што прилега, земја во која нема да биде срамота да се насмееш, а тоа значи да покажеш дека си среќен, земја во која убавината нема да биде веќе казнета, земја во која нема да ти тропаат комшиите за да ти земат клуч од врата, ами да ти позајмат кафе или шеќер.

Оти, од нашиве тридецениски миротворци, ми е преку глава. Не дај Боже, сега во екот на кампањата, кај и да е, може да се самопрогласат и за Чудотворци! Таче кобајаги се сомнева во Мицковски, Мицковски во Таче, па Мицковски у Али и така до бескрај. Видете, овде има и љубовни чуда!

Време дојде да ја расчистиме политичката сцена од чудата на нашите политичари!
Пошо, точно е дека се тече и се се менува, но ние имаме чудесни чуда – талент да не читаме до крај, и патем да го испуштиме најважното, а тоа е дека ништо не останува!
И ништо нема да остане од она што било.
Зошто чуда не ни требаат! Ни требаат реализации.
Нека ни помогнат сите предци и светци да ги задржиме барем банкнотите со името Македонија. Нека помага и Света Богородица. Не ја ставија напразно на нашите банкноти. Не, ова не е никакво чудо. Кој читал добро, кој не, да ви кажам нешто: Прочитав кај Крлежа дека Македонија е преубава земја, во која Богородица боса танцува на звуците на тапанот!? Ставајќи ја на парите пред три децении, едноставно и неа ја корумпираа!

Едно „скопско“ и се е можно.

А сега марш сите на избори!

Таму, без грижа, нема да се шокирате наеднаш. Пак ќе ве очекуваат петшеснаесет чуда, но и една голема, вистинска, жива реалност, со длабок чист здив – ЛЕВИЦА !
Да живее правдата, вистината и заедништвото!

Хеј, македонски народе, навистина во секоја колумна ќе ве потсетувам, марш на избори, за да не останеме сите заедно уште долго Франкеншајни на сегашниве чудотворци.

Д-р Мери Георгиевска