Ванковска: Наближуваме до финишот, но да собереме и нешто фазла

Наближуваме до финишот! Само уште малку. Но, да не попуштаме и да си собереме нешто фазла – знаеме со кого си имаме работа, нели, порача Билјана Ванковска, кандидатката за претседател на Левица.

-Да објаснам една работа за која многу медиуми манипулираат. Тоа што имаме допис до ДИК за овластување на сите нотари на територија на државата беше од практична причина, ако затреба да не фаворизираме 2-3 или 10-15 нотари, туку да биде еднакво на територија на државата. Но, за разлика од другите, не сме собрале ниту еден потпис на нотар. Ние не собираме потписи преку нотари зошто таа опција не ни е потребна – граѓаните си одат до канцелариите на ДИК сами, со бебињата, со милениците, на велосипеди, дури и доставувачи на храна застануваат спонтано и ставаат потписи – вели Ванковска.

Професорката тврди дека нејзините потписи се од искрени луѓе, кои слободоно го даваат својот потпис.

– Не даваме 500-че за потпис, не сме најмиле автобуси, ама даваме чаша вода или сокче заедно флаерот. На лица со посебни потреби или повозрасни им излегуваме во пресрет и некој ќе ги превезе со свое возило до ДИК. Мојот фантастичен тим работи турбо, позитивно, со многу насмевки и пристојна комуникација со минувачите. Толку се гордеам со нив што со насмевка и оптимизам веруваат и во мене, ама и во вас, додаде таа.