АктуелноЛокално

Ванковска: Да излеземе од НАТО и да ги поништиме договорите со Бугарија и Грција

Билјана Ванковска, која собира потписи како кандидат за претседател од партијата Левица, во интервју за А1-он вели дека мора да ги средиме работите дома пред да размислуваме за сојузи со други држави. Нејзиниот став е дека никој не може да рече дека ако не влеземе во Европската Унија ќе пропаднеме. Вели дека верува во мирно решавање на спорови, но и дека ако НАТО е мирољубива алијанса која шири демократија, тогаш НАТО пријателите ќе разберат дека сиромашна земја не може да издвојува 2 отсто од БДП, а од друга страна многу работи дома ни се распаѓаат.

„Не размислуваме дека она што ни е под носот, од депонии, од реки, плодно земјиште со фотоволтаици, се уништуваме за некаде да одиме. Ние треба да си ги средиме работите дома, прво со оние што крадат. Македонија е богата држава што има пари, а од друга страна се краде. Нас ни е потребна помош, но не туторство и старателство. Триесетина години не сме во ЕУ, ама вината колку што е наша, од корупција, од еден тип на владеење што го нарекуваме стабилократија, за што вината ја наоѓам во Брисел и Вашингтон, што значи дека „ќе одбереме некој ќе ги исполнува нашите геополитички барања, па дури и да поткрадува и да подлажува“, значи такви прислужници не доведоа до таму каде што сме. Ако сакаме да бидеме држава, вакви работи не треба, ако сакаме да бидеме колонија ќе избереме вакви марионети“, вели Ванковкса

Смета дека може да се раскинат договорите со Грција и Бугарија, но без да се нарушат односите со соседите.

„Ако ги гледаме работите дека не може да се случи тоа, тогаш да ги кренеме рацете и да оставиме да ни менуваат Устав и се да прават. Ќе се обидеме да разговараме преку дипломатски односи, мислам дека и грчкото општество не е многу среќно. Тука постои нешто што зборува дека ние конфликтот со Грција не сме го решиле, а притоа не го промени драстично ставот на грчката страна иако тие се победници. Ние сме пропуштиле шанса да развиваме друг вид односи со Грција“, посочи Ванковска.

Погледнете го целото интервју со кандидатката за претседател од редовите на Левица, универзитетската професорка Билјана Ванковска на А1он.