Интервју со Горанчо Петровски, дипломиран металуршки инженер – модератор на подсектор Рударство и металургија при Сектор Енергетика на Левица
1. Металургијата и рударството се гранки од базна индустрија и се основа на сите економии во развиените општества. Какви се природните можности за развој на овој индустриски сектор во Македонија?
Територијата на Р. Македонија е богата со минерални наоѓалишта кои се солидно испитани во периодот на изминатите 100 години. Дефинирани се и рудните и минеролошки региони и во изминатиот период се отворени и изградени голем број на профитабилни рудници на металични минерали – руди и неметалични минерали – мермер, кварц, варовник за производство на вар, талк, бентонит, цемент, граедежен материјал и др.
На основ на природните рудни богатства во Македонија има и традиција за преработка на истите. Во индустрискиот бум за време на постоењето на С.Ф.Р. Југославија се изградија голем број на металуршки и други индустриски комплекси за искористување и преработување на металните и неметалните минерално – рудни богатства.
2. Кои се придобивките од развојот на базната индустрија металургија и рударство?
Индустриските објекти од базната металургија се со големи нормативно – материјални вредности, а со тоа и акумулираат голем број на квалификувана работна сила и потреба од развиена енергетско – инфраструктурна мрежа, патна и железничка структура. Инвестирањето во Металургијата и рударството значи и потреба од инвестиции и развој и во останатите гранки.
Во Периодот на постоењето на С.Ф.Р. Југославија во најголем дел базната индустрија беше централно државно планирана и организирана. Со ваквиот правилен и плански развој Македонија стана високо индуструски сегмент во системот на С.Ф.Р. Југославија, во кој и образованието беше квалитетно развивано за потребите на идустрискиот развој, квалитетно остварено со што се профилираа висококвалитетни технички и инжињерски кадри.
Во линија на усовршување на технолошките процеси и зголемени добивки од природните богатства се продолжи кон изградба на Металуршки агрегати од преработувачката металургија и металопреработувачката индустрија, со цел за добивање на готови финални производи кои се пласираа на пазарот (не се остана со делумна преработка и добивање само на полуфабрикати).
Со тоа се овозможи и зголемување на приходите на претпријатијата, вработените, и опшествено социјалниот сегмент.
3. Каква е моменталната состојба со рудниците и металуршко-преработувачките фабрики во Македонија?
По распадот на С.Ф.Р. Југославија ова гломазно, централно државно управувано и планирано стопанство прво не се снајде во транзицијата и со погрешната приватизација се отпочна со брзо пропаѓање и во голем дел и планско уништување на цели гранки и индустрии.
Денес од цел тој голем и профитабилен рударско – металуршки комплекс, останати се неколку профитабилни рудници и фабрики за базна преработувачка на руди во метали (Фени – кој во моментов се наоѓа во стечајна постапка) и мал дел на рецикалажни – преработувачки процеси (Макстил, фабрика за преработка на акумулатори во Пробиштип и др.).
Но на сите овие останати ВИСОКО – ПРОФИТАБИЛНИ комплекси сопственоста е предадена на странски мулти груп корпорации кои сиот профит го изнесуваат од Македонија и прават класично искористување на целата економија и социјално -животна средина.
Додека од не-функционалните и ограбени останати претпријатија и комплекси останати се само контаминираните површини и јаловиштата како големи црни еколошки жаришта опасни по микро и макро околината и животната средина
4. Кои се вашите размислувања за иднината на металургијата и рударството во Македонија?
Светските трендови на групирање во работењето на рударските и металуршките компании не овозможуваат индивидуален развој на мали и средни претпријатија од овој бизнис сегмент.
За социјално-економските системи ваквите индустрии се неминовни за опстојување и развивање и од тој агол потребно е да се направат насоки кон задржување на успешно работење на сите профитабилни субјекти.
Потребна е максимална поддршка од страна на државата во соработка со субјектите за да истите продолжат да работат и се развиваат според нивните планови и можност. Се разбира субјектите мора да се задржат со придржување кон сите еколошки и економски норми кои се законски регулирани.
Отворање на нови рудници во моментов според мене е недозволиво. Според барањата за кои рудни минерали е интересот на инвеститорите, се работи за високоризични еколошко опасни постапки кои во густо населени области како што е Р. Македонија не е практично да се изградат.
5. Дали постојат конкретни причини за неможноста да се отворат нови фабрики за екстрактивно – металуршка преработка?
Отварање нови фабрики за екстрактивно-металуршка преработка во моментот не се можни од повеќе причини.
• Несоодветната ерегетска состојба во Р. Македонија
• Еколошките барања за намалување на емисијата на СО2
• Големи финансиски инвестиции
Треба да се насочиме кон рециклажно – преработувачката индустрија со по можност државно-приватно партнерство, за зголемена контрола во работењето и остварување на поголема добивка во корист на државата. Да се отворат погони за рециклирање на отпадни метали и добивање на полуфабрикати или финални производи, со димензионирање на истите во однос на количините кои се продуцираат.
Во моментов во Македонија работат два субјекта за рециклирање на железо и Челик. Тоа се Макстил – АД, Скопје и Леарница Кранфилд во Пробиштип.
За рециклирање на обоени метали моментално во Р.Македонија има само погон за рециклирање на олово – отпадни акумулатори во Пробиштип а за другите обоени метали нема функционални погони (Ливницата за Алуминиум и Бакар во РЖ. Институт е затворена и е во стечајна постапка).
Треба да се насочиме кон отворање на погони за рециклирање и претопување на овие стратешки суровини.