Алармантен е недостатокот на педијатри во Охрид и во Струга

Додека грипот и големата кашлица косат, а училиштата и градинките се полупразни, Охрид и Струга се соочуваат со сериозен недостаток на матични педијатри. И во двата града се бројат на прсти. Иако во поодминати години доктор Никола Филев, сѐ уште се грижи за децата од Охрид, бидејки нема кој да го наследи, пишува Инфомакс.мк.

„Доброволно останувам, колку можам да помогнам. Неколку се, на една рака се бројат педијатри. Два и пол луѓе сме. Тоа е голем проблем, за кој поодамна требаше да се размислува да не дојде до тоа, но тука сме немоќни. Покрај тоа што ние апелиравме како фела дека ќе дојдеме до таа ситуација и сега е многу деликатно. Треба да одите до Струга со бебе од три кила, зима е. Тоа се брзи и ургентни состојби“, вели Филев.

Филев вели дека мора да се испраќа што повеќе кадар на специјализација за педијатри.

„Пет-шест години трае таа специјализација, зголемена е и дури да дојдат ќе немаме перманентен професионален тим.Тоа е време. Треба време да се направи еден професионален педијатар“, додава Филев.

Нема доволно педијатри ниту на детското одделение во Охрид, кое и оваа зима, трета година по ред работи само како обична амбуланта.

„Не можете да го контролирате вирусот и температурата кај децата и да им кажете прави што ќе правиш после 20 часот гледај да се смириш. Очигледно министерството за здравство треба да изнајде решение и тоа е следно на потег како да го реши проблемот, кој за жал во Охрид во 21 век, е немање на општа здравствена заштита за најмладите охриѓани“, рече Влатко Стојкоски, иницијатива „Спас за детско одделениe“

Но, ниту еден министер за здравство до сега не го реши овој сериозен проблем, а нивните ветувања останаа само на празни зборови.