Ново стара дружба? Груби најави коалиција со Мицкоски

Артан Груби не ја исклучува можноста за коалицирање на неговата партија ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, но под услов претходно да се изгласаат уставните измени.

– Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени пред формирањето на влада, зошто да не. Ако се реформирала доволно, ако е европски ориентирана, ако докаже дека е подготвена да жртвува од својот т. н. рејтинг, за доброто на државата, како што направи СДСМ во минатото, тогаш – да, заслужува шанса – рече Груби во синоќешното гостување во „360 степени“ на МРТВ.

Тој вели дека ако остане на ставот дека ниту пред ниту потоа, ниту на следни избори нема да има уставни измени, тогаш што би барала ДУИ во една таква влада или во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија на ЕУ.

– Во ДУИ нема алтернатива. Нема алтернатива за ЕУ, НАТО и стратешкото пријателство со САД – истакна Груби.

Тој рече дека во ДУИ се размислува по изборите да се бара прво да се изгласаат уставните измени, а потоа да се оди на формирање влада.

Евентуалното постизборно некоалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со албанскиот опозициски блок, според Груби, ќе значи повторно изолирање на државата и тоа би било „лошо сценарио е за државата, лошо сценарио е за граѓаните“.

– Ќе влеземе во т.н. бугарско сценарио со повторување на избори и изборни циклуси додека губиме европска перспектива – рече Груби.