Лажниот принц на Македонија и адмиралот на шпанската армада
Како Петар Гргуриќ Охмучевиќ станал Дон Педро, славен адмирал во шпанската флота, во историјата позната како „неосвојивата армада? Како момчето со херцеговски корени, кое младоста ја минало во Дубровник се преселило во Неапол и влегло во служба на шпанскиот крал? Најкраткиот одговор е преку Македонија, иако за волја на вистинста Петар Охмучевиќ никогаш не ја видел нашата земја.
Како и голем број на негови сонародници, Петар настојувал да се пресели од Балканскиот Полуостров, заслонувајќи се од наездата на Османлиите, кои по Битката на Косово, етапно ги преземаат териториите кои претходно биле дел од средновековните кралства на Србија и Босна. Дека не се плашел од борба покажуваат неговите херојски борби потоа, но Охмучевиќ од Дубровник, кој само што станал вазален дел од Осмалинската империја, се сели во Неапол, Италија, во тоа време под шпанска управа. Петар ја завршува морнаричката академија и во славната Битка на Лепант се здобива со херојска слава, кога успева од рацете на непријателот да спаси не еден, туку два брода. Сепак, херојскиот статус не му помага премногу во хиреархијата на морнарицата, најмногу поради тоа што е роден во погрешно време. Имено, во тој период во Шпанија, а и во сите други кралства низ Европа, високите воени чинови биле резервирани за благородничката класа. За генералски и адмиралски чинови била потребна „сина крв“, додека крвта на Петар била „проклето“ црвена. Но, тоа него не го одвратило од амбицијата, па затоа тој решава да прибегне кон едно класично „балканско решение“ на проблемот. Едноставно го фалсификува своето потекло. И тоа го прави на еден грандиозен начин.
Родословот на Дон Педро Охмучевиќ
За да стане Дон Педро, тој требал да докаже дека е благородник католик најмалку четири поколенија по таткова и по мајчина страна и дека во родословот нема муслимани и еретици. Затоа Петар на Шпанците им соопштил дека потекнува од светата лоза на Немањиќи и дека цар Душан лично, на неговиот дедо Хреља на управа му го оставил поголемиот дел од Македонија. Интересно е што во документите испратени до шпанската круна, било наведено и дека сведоци на ова поставување на Хреља биле кнез Лазар, Вук Бранковиќ и Волкашин Мрњевчевиќ, последниот го знаеме и како таткото на крале Марко. Во прилог на ова негово документирано докажување на благородната лоза, поднел и „доказ“ дека неговата мајка потекнува од семејството на Балшиќи, кои исто така биле во вазален однос со Душан, но и со сите останати кралеви од родот на Немањиќи, а не бил и редок случај на брачни врски помеѓу двете фамилии. И на крајот, Петар Охмучевиќ на шпанците им го предал и семејниот грб на неговата лоза, со наслов „грбот на Македонија“. Грбот бил насликан на т.н. германски штит на кој можело да се види златен лав со круна, на црвена позадина. И така е родена легендата за Дон Педро, кој ќе ја предводи армадата во славни битки, ќе плови до Индија и на Шпанија ќе ѝ донесе голема слава и богатство.
Хреља Гргуриќ – Охмучевиќ
Но, што всушност е вистинито од неговото благородничко потекло. Па, малку што. Всушност ништо. Добро, навистина постоел Хреља, но тој бил заповедник на Костур, а едно време и на Прилеп. Никаков „златен лав на црвена позадина“ не го красел неговиот семеен грб, ниту, пак, некој некогаш го сметал за некаков господар, управител, намесник или било што друго на Македонија. За Хреља знаеме дека последните денови во животот ги минал замонашен во Рилскиот манастир, откако претходно во завештание му оставил значителен дел од личното богатство. Нејасно е и прашањето околу наследниците на Хреља. Во некои извори е наведено дека немал деца, а во други дека неговиот син се борел на страната на царот Урош со прекар „слабиот“, во династичките борби со Мрњавчевиќ. Сепак, Петар или Педро во ниту еден извор не е наведен како внук или правнук на Хреља.
Интересно е и дека сведоците на неговото наводно благородништво, самата исторографија ги отфрла од местото од настанот. Во моментот кога Хреља станал божемен управител или господар на Македонија, Вук Бранковиќ имал четири години, Лазар Хребељановиќ бил на 30-годишна возраст, додока Волкашин имал 29 години. Инаку тројцата историјата ги памети како големи ривали, кои подоцна ќе водат крвави борби за душановото наследство. Очигледно е и дека малиот Вук не можел да биде сведок, но за среќа по Петар, Шпанците тоа не го знаеле.
Грбот на Охмучевиќ е инаку и дел од „илирскиот грбовник“, за кој се верувало дека ги сочинува грбовите на сите провинции кои биле дел од душановото царство, што е основа на т.н. „илирско движење“ или првобитната идеја на духовно, културно и политичко обединување на јужнословенските народи. Грбот на Петар Охмучевиќ е каталогизиран и во капиталното дело на македонскиот историчар Александар Матковски – „Грбовите на Македонија“ од 1970 година.
Благородништвото му е потврдено во 1594 година, а пет години подоцна тој починал.
За Петар Охмучевиќ, за неговиот живот и дело, но и за импликациите што ги оставил зад себе со својот родословен фалсификат, љубителите на историјата можат да пронајдат огромен материјал, кој делумно е достапен и на интеренет. За останатите, можеби е доволно да се каже дека тој бил човек што сакал да плови по „седумтте мориња“.
Преземено од Плусинфо.мк