Левица во одбрана на граѓаните наспроти адвокатско-директорската мафија
На собраниска седница, претседателот на Левица, Димитар Апасиев за предложениот предлог-закон за изменување на Законот за нотаријат истакна дека со овој закон се предлага да се стави крај на адвокатско – директорската мафија којашто функционира и во СДСМ, и во ДУИ и во ДПМНЕ.
Во продолжениe, го пренесуваме неговиот говор.
„Немате осет за студентите, уште помалце ќе имате за адвокатите, бидејќи вашите најблиски партиски соработници се наполнија со пари преку овие закони коишто ги предлагаме да ги измениме…
Со овој закон се предлага да се стави крај на адвокатско – директорската мафија којашто функционира и во СДСМ, и во ДУИ и во ДПМНЕ.
Имено, имате ваша мрежа на адвокати кои се наполнија со пари, не знам дали ви ги враќаат после на рака, меѓутоа луѓево се наполнија со пари…
Имате адвокати коишто земаат милиони евра од јавни претпријатија, од дерење на граѓаните со платни налози, од задолжителни присуства на рочишта на платни налози и сл.
Во суштина, оваа измена е иницирана од Европскиот суд за човекови права, каде на 9 мај лани, во случајот „Китановска и Барбуловски против Македонија”, ние како држава го изгубивме случајот во Стразбур. Во што е суштината? На луѓето им бил оневозможен пристапот до правда, односно до судот, и е утврдена од Европскиот суд – повреда на членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права.
Измените се однесуваат на два пункта. Да нема задолжително застапување на адвокат онака како што бара Стразбур, бидејќи тоа е оневозможување на право на приговор и жалба кој самиот граѓанин, кој има постулациона и деловна способност, може сам да си го поднесе, без да бара правна помош. И самата суштина на Уставот да бараме правна помош е помош – ако тие побарам, ќе ми ја дадеш, а не задолжително да морам да имам адвокат во некои спорови.
И второто е платните налози, коишто се елементарен правен поднесок, кој е прост како леќа – да не го составуваат адвокати во иднина, туку тоа да го прават вработени правници во самите комунални претпријатија.”
Овој Предлог-закон на Левица беше одбиен од пратениците на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ!