Манчевска: Дали странскиот инвеститор Адиент ќе остави 3500 вработени на улица

  • Пишува: Анета Манчевска – член на Левица – Сектор економија

Откако се затворија две фабрики на американската компанија за производство на автомобилски седишта Адиент во Србија, вработените во истата компанија во Штип и Струмица стравуваат за своите работни места со надеж дека нема да останат на улица.

„Адиент“ е глобален лидер во областа на производство на автомобилски седишта, кој има свои производствени погони ѝ во Македонија. 

На почетокот од 2014 година во ТИРЗ Штип, „Џонсон контролс“ ја отвори својата фабрика за производство на навлаки за автомобилски седишта, инвестиција вредна 20 милиони евра, со договор за вработување на најмалку 1.400 луѓе. 

Во јули 2012 година, Комисијата за заштита на конкуренцијата има  одобрено државна помош за, тогаш сѐ уште „Џонсон Контролс“, но информациите за висината на дадената помош никогаш не се презентираше транспарентно. Парите на македонските даночни обврзници, т.е. државните пари, ниту знаеме, ниту сме виделе како се трошат со години наназад.

На глобално ниво на крајот од октомври 2016 година, „Џонсон Контролс“ ја издвои фирмата „Адеинт сеатинг“ од својата групација, со тоа, се смени ѝ сопствеништвото на компанијата во Штип. Сега сопственик на фабриката е македонската „Адиент сеатинг“, чие главно седиште е во државата Џерси, која е собиралиште на светски глобални бизниси и е одличен даночен рај за богатите луѓе и бизнисмени кои сакаат да ги избегнат високите даноци во матичните земји.

Во јуни, 2017 година, „Адиент“, ја отвори својата втора фабрика за производство на навлаки за автомобилски седишта, сместена во технолошко-индустриската развојна зона во Струмица, која според потпишаниот договор во февруари 2016 година, и согласно правната рамка за доделување на државна помош, обврзана е да инвестира износ не помалку од 16.000.000 евра и да вработи најмалку 1.300 македонски државјани најдоцна до 30 декември 2019 година. Овие обврски ги исполнува, но поради пандемијата, компанијата не била во можност да ги пополни работните места за кои добила грант, т.е. да ги изврши преземените обврски кои произлегуваат од Договорот за доделување на државна помош. Затоа државата, со Анекс на договорот, и овозможила продолжување на прагот на вработување за кој е добиен грантот, да го одржува дополнително уште две години, т.е. до 30 септември 2026 година. 

Каква помош и привилегии се дадени на странскиот инвеститор?

Помошта се однесува на целосно ослободување од плаќање на данок на додадена вредност, данокот на добивка не плаќаат за период од 10 години, додека пак, за сите исплатени плати на вработените, персонален данок не плаќаат во период од една деценија.  

Понатаму, покрај царинските олеснувања, инфраструктура изградена од државата, ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместоци за добивање на градежни дозволи, имаат привилегија за долгорочен закуп на земјиште до 99 години по концесиски цени, бесплатно приклучување на природен гас, водоводна и канализациона мрежа.

Дали е потребна поголема транспарентност и отчетност, како ѝ промена на моделот на привлекување на странски инвеститори?

Политичката нестабилност во Македонија и несериозниот пристап на Владата кон трошењето на државните пари, се главна причина за нерамномерен развој на државата, никаков економски раст, како ѝ нула крупни капитални инвестиции во земјата.

Директната буџетска помош што се одвојува за странските компании е висока и се реализира нетранспарентно, преку различни буџетски ставки, каде тешко може да се лоцира и процени колку народни пари досега се одлеале од буџетот. Затоа, иако претходната влада во Македонија го воведе моделот ТИРЗ, понатаму продолжи да го промовира ѝ оваа Влада без да направи поголеми промени, ниту пак, анализи за досегашните ефекти од постоењето на овој системски приод.

Нашата економија мора да им овозможи доволно шанси на македонските компании да инвестираат, во споредба со она што го користат странските компании во нашата земја.

На пример, за домашните производствени компании со народни пари може да се обезбедат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, поволни кредити, намалени давачки, поволности за вработувања итн. Во секторот енергетика, на приватниот сектор да му се даде можност за користење на соларни панели, т.е. административните процедури за нивно користење и дистрибуција да се поедностават итн.

Левица се залага за системски промени, државата да вложува во стратешки сектори, како ѝ во сите сектори кои не се доволно развиени и нè прават зависни од увоз. Да се соработува со странски компании и инвестиции кои се од стратешко значење за македонската економија, со исполнување на однапред дефинирани услови кои ќе ја подобрат финансиската и економска државна моќ.