Пентагон одбива да му достави на Хаг докази за наводните руски злосторства

Во администрацијата на Бајден се уште постои спор околу тоа дали да се соработува со меѓународниот суд во Хаг, бидејќи се стравува дека ќе излезат на виделина и сопствените злосторства.

Пентагон не дозволува администрацијата на Џозеф Бајден да достави докази за наводните руски злосторства во Украина до Меѓународниот кривичен суд во Хаг, пишува Њујорк Тајмс и додава дека причина за тоа е стравот на американските воени лидери дека таквиот потег може да го отвори патот за гонење и за сопствените злосторства.

Остатокот од администрацијата, вклучително и разузнавачките служби и Министерството за правда, го поддржуваат доставувањето на наводните докази до Хашкиот трибунал, забележува американскиот весник, повикувајќи се на изјави на неименувани функционери.

Информациите добиени од американските власти, наводно, содржат докази дека руските власти намерно гаѓале цивилна инфраструктура и киднапирале илјадници украински деца од окупираната територија.

Во декември, американскиот Конгрес ги промени законските ограничувања кои беа во сила многу години, дозволувајќи му на Вашингтон да помогне во истрагите и гонењето на Хашкиот суд поврзани со војната во Украина. Сепак, зад затворените врати во администрацијата на Бајден се уште се води спор околу тоа дали тоа треба да се направи или не, пишува „Њујорк тајмс“.

Според весникот, Советот за национална безбедност на Белата куќа свикал состанок на лидерите на конгресните комитети за да се реши овој спор, но секретарот за одбрана Лојд Остин продолжил да се спротивставува на можноста САД да испратат докази до Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Портпаролката на Советот за национална безбедност, Адриен Вотсон, во одговор за „Њујорк тајмс“ рече дека американската влада поддржува голем број истраги за наводни руски воени злосторства, вклучително и оние предводени од украинските обвинители, Обединетите нации и Меѓународниот кривичен суд.

Според американскиот весник, претставниците на Пентагон, Стејт департментот, Министерството за правда и разузнавачките агенции одбија да го коментираат случајот.