Системот падна – Ти си дел од системот
- Пишува: Александар Симонов – Координатор на Левица – Сектор Надворешна политика
Се сеќавате на минатите избори кога „Падна системот“? – Си мислевме, систем како систем, паднал. Изборен криминал, како изборен криминал, ништо страшно, од секогаш било така. Е па не е така! Падна системот по изборите, падна целиот ситем! Ако за четири години не научивме дека по паѓањето на системот, системот системски продолжи да паѓа, систем по систем, тогаш џабе четири години трпиме садизам, ништо не сме научиле! Џабе е паднат системот, и во здравство, и во образование, и сообраќајен или инфраструктурен, и научен, и културен, цел општествен, и за живот, и за смрт, правда или неправда, и било каков којшто државата треба да го сервисира. Сé е џабе, ако не сме научиле дека јас сум системот, ти си системот, секој од нас поединечно и сите ние заедно сме системот!
Еве на пример, ќе почнам од тоа дека судскиот ситем падна, го допре дното, го проби и дното, продолжи да паѓа, го проби и дуплото дно. Тој одамна ни пресуди, и секој ден ја повторува пресудата за егзекуција на здраворазумното, работничко човечко битие, што ја исполнува вселенски-невозможно математички прецизната супер-организирана криминално-политичка клика, која со интелигенција на врвка од патика, совршено знае по кого треба да се влече и од кого треба да биде газена, само за да ужива во моќта да ја стега движечката сила, бидејќи само „окованоста“ на движењето им овозможува задоволување своите хомосапиенски лукративни нагони, кои непрекинато ја пополнуваат празнината во скинатите џебови. Работата на судскиот систем стана стимул за состојбата на стероидизиран криминал во вечна пролет, што добро разгазените врвки меѓусебно ги испреплете толку умешно, што и „воинот на коњ“ да се врати, пак нема да може да ги расплетка. Почнав од судскиот систем затоа што само неговата функционалност имаше моќ да го спречи паѓањето на останатите.
За здравствениот систем како падна подобро и да не правиме муабет. Секогаш кога ќе отидеш во државно здравство, ама баш секогаш, е паднат. Да друже, за системот да функционира цел живот ти одбиваат од плата и тебе, и на твоите дома, и на тие пред тебе им одбиваа од плата. Сите вие, секој месец, од секоја плата плаќате за системот од кој ќе имате потреба еднаш во неколку години кога сте млад, и троа почесто кога сте стар, да не работи! И така, системот е паднат за тебе секогаш кога ќе ти затреба, за оние на дијализа секоја недела, за оние со ретки болести никогаш не ни постоел, а за оние на онкологија не е паднат, за нив постои само да им ги испокраде последните пари и денови.
Види им финта, го разрушиjа државниот систем за којшто секој месец плаќаш и вe принудуваат да плаќате на приватни клиники кога нешто ќе ви затреба, „вин-вин“ ситуација, и приватниците печалат, и етничките кадри во здравствениот систем удобно животаркаат со платичките за кои и нешто посебно не се потрудиле, капитализмот натокмен, партискиот електорат стокмен. А, само еднаш судскиот систем да не беше паднат, и утврдеше кој е виновен за родилката, зошто некој се разбудил без органи, кој го украде лекот на тие што најмногу им треба, или навистина ја сносеше одговорноста виновниот за сите што буквално ги изгоре во болница, немаше да биде така ниту во здравствениот систем.
Образовниот систем исто падна, повеќе време без книги одколку со книги, а и книгите што ги испечатија подобро да не ги испечатеа. Среќа Евклид се роди 325 години пред нашата ера, зашто ако се образуваше од учебниците на ДУИ, светот ќе остаеше без геометрија. Ама па што ќе им е на децава гоеметрија, или на пример историја, и онака ние живемее во иднина, онаква ЕвРопска. И бамбашка, од историја и геометрија не се живее, ама од печатење учебници се живее и тоа добро, неколку семејства живот можат да живеат ептен добро, „бубрези во лој“, сите да им завидуваат.
Вака можеме да одиме до бесконечност, систем по систем: енергетскиот зависен, прехрамбениот увозен, земјоделскиот руниран, административниот инвалидизиран, самоуправувачкиот девастиран, демократскиот мистифициран, европскиот идеализиран, градежниот процентуилизиран, еконмскиот рекетиран… Системот е системски контаминиран. Од неговата контамнинација не се дише, таму сé е клише, внатре во него се гушиш и мора да се разбудиш, затоа што ти си системот!
Ако малку подобро погледнеш во се што споменавме од овие системи, со еден голем дел од нив сé среќаваш секојдневно, со друг дел од нив можеби и не толку често, некои од нив ти ја кројат судбината, на пример образовниот, можеби денес не се соочуваш со него секојдневно, но животот го поминуваш во голем дел како резултат на истиот. Секој од системите, за кои станува збор, е управуван и контролиран од политиката. Ако не си задоволен од работата на најголемиот дел од нив, тогаш прашањето е легитимно: „Зошто политички не се активираш за да промениш нешто во системот?“
Периодот на вечна транзиција во див капитализам каде моќта е троновски доделена на банда моќници е создаден за да нè увери дека не можеме ништо да промениме, да нè убеди дека сме немоќни да ги победиме, да нè истошти и обесхрабри при секој обид да се спротиставиме на неправдата, да ни докаже дека промената е невозможна! Баш затоа нашата задача е да сме од другата страна на нивниот рај.
Само излезот од апатичноста и приклучувањето кон политичката опција решена да го сруши и заузда угнетувачко-девастирачкиот целосно античовечки естаблишментски систем, изграден врз грбот на генерации чесен работнички народ може да ни гарантира промена. Нашата борба е единствената опција! Во спротивно постапуваме токму како што тие посакуваат, остануваме слаби и безнадежни, загушени од пасивност без трошка верба, со очи широко затворени и скрстени раци само ќе сведочиме со леснотија дека нé пљачкаат, непречено нè владејат, и без никаков отпор нé малтетираат. Без давањето на нашиот глас, овозможуваме „нивните“ гласачи да одлучуваат во какво државиче ќе живемее, без вложен наш труд за промена, овозможуваме нивната партиско-послушна банда безрбетници да управува со секоја од институциите, кои го коваат секојдневниот систем во кој живееме. Нашата слабост е нивната толу посакувана сила, а тие стануваат моќни токму кога нас нè прават слаби.
Затоа другари, до тука бидува. Од измеќарење во своја држава стигнавме на ова дереџе! Мораме да разбереме дека јас сум системот, ти си системот, секој од нас поединечно и сите ние заедно сме системот! Доста им е, доста ни е, или ќе се приклучиме на народниот отпор, или ќе ги гледаме елитите како нé владеат. Трета опција нема. Да ја одбереме оваа што е прва! Твојот и мојот глас се тие што можат да ја променат политиката која го создаде трулиов систем. Твојот активизам и мојот активизам се додадената вредност што може да промени нешто во овој систем. И одговорноста за неговата промена е твоја и моја! Не можеш и не смееш да влезеш во улога на жртва на која главните изговори ѝ се дека „сите се исти“, дека „ништо не е променливо“ и „дека политика не те интересира“. Ти и јас сме единствените политички битија кои можат да го променат системот, ти и јас сме единствени одговорни за состојбата во која се наоѓа системот. Затоа, приклучи се, во борбата, за промена, на системот!