Локално

Богевски: Младите имаат искривени вредности, долгови и психички проблеми

  • Став на Круме Богевски – Координатор на Левица – Сектор здравство и член на Црвена Младина

Па луѓе, слушам дека млади на 19-20 години земаат брзи кредити за едно излегување, за да снимаат моети и корони по скапи сепариња по ноќните клубови.

Кого тоа го прави среќен? Никого! Ниту нивните врсници кои дома седат, гледаат на социјалните мрежи што е “новото нормално” и се прашуваат зошто тие не ги исполнуваат тие очекувања на општеството. Не очекувам ниту самите тие млади задолжени луѓе да се среќни затоа што почнуваат ера на развој со долгови. Овие млади, бордерлајн алкохоличари, без стабилен приход, веќе имаат долгови со вртоглави камати!

Работната навика како дел од воспитувањето е на ужасно ниво! Но, што може да очекуваме од генерација чии родители целиот живот правеле се што треба за да влезат на државна работна позиција за да… НЕ РАБОТАТ!

Дали очекувањата кои ги имаат нивните деца се дека парите едноставно се појавуваат во паричникот?

Како некој кој целиот свој возрасен живот бил барем со еден ангажман, како некој кому слободните денови му се многу ретки, огромна почит имам кон младите кои работат.

Уште поголема почит имам пак кон младите кои работат и студираат паралелно. Повеќе затоа што системот не е прилагоден за трудољубиви студенти, а и затоа што професорите се противат на работа и студирање во исто време. Небаре оние студенти кои сакаат да дипломираат со постоечко искуство и стекната работна дисциплина се лоши луѓе, неодговорни студенти или арогантни!Работата (кариерно) и работата на себе секогаш ми била дистракција од непотребен флекс со часовници, сепариња во клубови и сториња.

Не сум досаден лик, обожавам дружби, но никогаш не би одел во крајност да земам брз кредит само за да можам да си дозволам флекс. Знам колку вреди парата, знам и како ја заработувам.

И благодарен сум си самиот себе за тоа! Немам токсичен однос со финансиите, хвала мени! 🙏🏻

Образовниот систем има тешка задача да го рехабилитира однесувањето на оваа #bahataomladina. Бумерски звучам, знам! Симптоматично е што се јавува не само во Македонија, туку во сите држави кои се во пост-транзициски период. Стигмата е дека народов виде малку пари па не знае каде попрво! Реалноста е хиперконзумеризам до поробување од банките! Србија, Босна, Бугарија и Хрватска не се различни, но мислам дека во Македонија најмалку се цени трудот кај младите!

Седнете си ги децата, разговарајте!