Германските „Леопард“ тенкови донирани за Украина на поправка во Литванија

Германските тенкови, испратени во Украина, дури и да не бидат оштетени во борбите, мора да се подложуваат на постојани поправки, утврдила германската комисија, која го посетила центарот за поправка на тенкови во Литванија, пренесува германски „Шпигел“.

И украинските и германските офицери признаваат дека одржувањето на германската опрема е многу тешко, а во борбени услови тие се истрошуваат многу побрзо отколку на вежбите. Дополнително на сето тоа, од летото 2023 година, наведува „Шпигел“, постојани се проблемите со обезбедувањето резервни делови.

Комисија од Германија, предводена од германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, во која има и пратеници од Бундестагот, непосредно пред Божиќ го посети центарот за поправка на тенкови „Леопард“ во Литванија.

„Шпигел“ пишува дека комисијата најмногу ја изненадило тоа што во борбите не биле оштетени огромен број тенкови кои биле на ремонт. Тенковите имаат најмногу проблеми со механички и електронски дефекти.

Германската компанија „Рајнметал“ одби да ја открие количината на опрема што се поправа во Литванија.

Од 18-те тенкови „Леопард 2“, најголемиот дел е на поправка во Литванија. „Украина може да користи само мал број испорачани тенкови“, рече пратеникот во Бундестагот Себастијан Шефер од Партијата на зелените.

„Шпигел“ потсетува дека Шефер и Андреас Шварц од СПД летово предупредија дека ремонтните работи во Литванија се „премногу долги и премногу комплицирани“ и дека „На Украинците им недостасува стручност и резервни делови“.

Пратениците во Бундестагот побараа од Германија да го забрза производството на резервни делови за тенкови.