Џабе скафандер, смрди од сите страни!

  • Пишува Игор Смилев – Координатор на Левица – Зелен сектор и Советник во Општина Велес

Осамна. На виделина излезе чемерот и јадта на македонското киднапирано општество, кое освен во смог, се гуши во неверојатна простотија, некадарност, незнаење и недозволива некомпетентност распоредена во клучни институции.

И кога мислевме дека од ресорот на Министерката во скафандер ништо повеќе не може да не изненади, Билјана Секуловска во “25 Минути” ни го покажа сиот гнилеж и смрдеа од под скафандерот! Засмрде на ужасна застоеност, засмрде на туѓ срам што не изеде сите нас што го видовме интервјуто на Секуловска со Аријан Асланај – директор на Управата за заштита на културно наследство и Афет Јашари – Државен советник во Министерство за култура.

Таква неупатеност и такво дупло дно, убеден сум дека нема да се повтори на било која точка од земјината топка, која ги содржи прерогативите на организирана држава.

За повеќе од 70.000 месечно, колку што изнесуваат платите на овие двајца чувари на Македонското културно наследство, видовме еден архиинфантилен пристап,кој личи на се’, освен на административен образец за заштита на културното наследство!

Ако овие двајца, во времето на Министерката во скафандер ги достигнале највисоките администеативни височини, можеме само да претпоставуваме, какви се’ кадри функционираат во пониските ешалони. Бедата на Министерството за култура, видена низ призмата на Асланај кој за себе вели дека не знае кај тера, и Јашари кој не знае колкав е буџетот за Заштита на културно наследство, ни дава за право, да бидеме убедени дека Културното наследство ни е во опасност токму од “Административни службеници”како нив.

Се’ има почеток и крај. Смрдеата на неспособност, незапирливо се шири од скафандерот.

Време е да заврши периодот на “позитивна дискриминација” затоа што Асланај и Јашари и десетици други како нив, ја користат за да ја покријат својата неспособност, на сметка на стотици Албанци кои се реално квалитетни и образовани, но ја немаат шансата да се издигнат во една тотално партизирана средина без критериуми за професионален развој на личноста.

Конечно стана јасно дека Левица не е непријател на Албанците во Македонија. Напротив! Нивниот најголем непријател е неспособноста и нестручноста на Асланај и Јашари од интервјуто на Секуловска, со кое за жал неправедно ќе биде споредувана цела една етничка заедница.

Специфичните времиња, изискуваат и специфични одговори! Дали можеби е време за самоорганизирање? Овој систем од минута во минута ја покажува својата некадарна запуштеност и час поскоро треба да се смени!

Смрдеата од зад скафандерот на Министерката за култура, само го потврдува тоа.