АктуелноИнтервјуЛокално

Советниците на Левица за ДУП-от Алумина: Мимикрија на урбанистичката мафија – Карпош не е Дубаи

  • Изминативе недели во општина Карпош актуелен е ДУП – от за Алумина, кој наиде на многу критики меѓу професионалците како и меѓу жителите на Карпош. За да дознаеме подетално што се случува во самиот Совет околу тоа прашање, поразговаравме со советниците од општина Карпош од Политичката Партија Левица. Во продолжение ви го пренесуваме краткото интрвју со нив.

Антропол: Веќе некое време е актуелен ДУП-от за Алумина и јавноста особено Карпошани верувам дека најмногу ги интересира на кој начин може да се спречи носењето на тој ДУП?

Мартин Димоски: Деталниот урбанистички план за Алумина е само еден во големата низа планови кои во целост се во спротивен интерес на жителите, во овој случај на Општина Карпош. Вакви планови, кои не се во интерес на жителите, години наназад се носат во Општина Карпош, но и другите општини во Градот Скопје, па и низ градовите на Република Македонија.  Она што го гледаме изминатите година-две, како што се случајот со Влае, Алумина, Треска, ДУП-от за Ново Лисиче и обидите за бетонизација на Расадник, но и сето претходно, се последица на законите носени од страна на големите партии СДСМ и ДПМНЕ со нивните коалиции. Истите тие закони се првенствено носени да ги задоволат потребите на урбанистичката мафија која неретко е донатор на нивните кампањи или скриен спонзор на партиски настани. Во таква поставеност на работите сосема очекувано е законите, но и подзаконските акти и правилниците да се постават така што инвеститорите ќе добијат максимизација на профитот и сето тоа смета на општествениот интерес (интересот на жителите). Токму и тука е одговорот на вашето прашање. Спречувањето на овој ДУП може да го донесат оние кои ги донесоа законите со кои ние денеска имаме ваков предлог за урбанистичко решение на просторот на поранешната Алумина. Оптимистички е да се мисли дека на овој начин ќе се реши проблемот со низата неповолни урбанистички планови. Песимистичкото сценарио е и најреално од причина што во моментов во Собранието на Република Македонија се тера измена на законот каде во Членот 93 се вели дека започнатите постапки за донесување како и постапките за изменување и дополнување на урбанистичките планови за кои е одобрена планска програма до денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе продолжат согласно одредбите на законите според кои се апочнати и ќе бидат завршени во рок од четири години од денот на влегување на сила на овој закон. Понатаму се вели и дека доколку постапките од наведениот став на овој член не завршат во рокот од четири години, истите ќе продолжат солгасно одредбите на овој закон. Според актуелниот закон рокот беше две години и истиот завршува во февруари следната година. Оттука, последна сламка за спас се општинските советници кои имаат исклучителна шанса со гласање ПРОТИВ да испратат и порака до раководството на своите партии дека сепак они се избраници на локалното население и ги бранат достојно интересите. Е сега дали тоа ќе се случи? Дали советниците ќе гласаат против? Тоа навистина не можам со сигурност да го кажам. Со сигурност можам да кажам дека советничката група на Левица ќе гласа ПРОТИВ овој ДУП и против сите останати кои не ги задоволуваат потребите на Карпошани. Навистина ми е тешко да поверувам дека нема да се најдат 12 советници кои ќе гласаат ЗА. Свежо е сеќавањето за тоа како беа најдени оние пратеници кои гласаа за промена на уставното име на Република Македонија, па аналогно на тоа, по проверена формула би се нашле и такви советници кои ќе гласаат за овој ДУП. Сакам да не сум во право. И доколку се случи она што го посакуваат 99% од каропшани, во тој случај негласањето на овој ДУП ќе биде само краткорочно решение бидејќи за некоја година во некој поизменет состав на Советот на Општина Карпош повторно ќе се најде овој ДУП.  Да резимираме. Овој ДУП нема да се донесе доколку не се спроведат измените на Законот за урбанистичко планирање и останатите сродни закони или доколку мнозинството на Советот на Општина Карпош гласа против. Ќе ја искористам оваа можност уште еднаш да ги повикам сите жители на Општина Карпош да направат притисок како до советниците така, уште поголем, и до претставниците во законодавниот дом со цел измените на законот да не се спроведат па и дотаму да биде изгласано ново законско решение кое ќе ги стави интересите на жителите во преден план.

Антропол: Веќе видовме дека ВМРО-ДПМНЕ го блoкираа носењето на буџетот за 2024 година со 4000 амандмани соопштувајки и на јавноста дека на тој начин го стопираат носењето на ДУП-от кај Алумина. Како Претседател на Совет какво е вашето видување на оваа ситуација?


Бранко Ристов: Буџет и ДУП-от кај Алумина немаат никаква поврзаност. Носењето на Буџет и носењето на ДУП се две различни постапки па така и да нема изгласано Буџет, урбанистичкиот план за Алумина може да се најде на дневен ред. Моја претпоставка е дека заради нивната поврзаност со тој ДУП од минатото и екстремното негативно мнение на жителите се осетија повикани. Па преку театралност се трудат да замачкаат очи на јавноста. ДПМНЕ со овој акт покажаа неколку клучни работи кои остануваат непроменети цело нивно постоење. Пред се евидентно е дека како партија имаат структура која може да блокира. Што светло става на нивното екстремно плитка политичка мисла? Фактички ДПМНЕ немаат блокирано ниту еден штетен закон до сега преку филибастер, напротив на затворени врати се имаат договарано со СДС и ДУИ како да помине процесот глатко. Практично буџетот на Карпош, согласно нивното делување, е поголем проблем од Законот за урбанизам кој дозволува апсолутно дивеење на инвеститорите. ДПМНЕ ако навистина сакале да го блокираат овој ДУП во ваква форма најверојатно до сега ќе го стореле тоа. Дали преку првичното усвојување, дали преку Јанакиески како министер кој ја потпишал висината на објектите, дали преку носењето на ГУП-от за време Коце Трајановски. Во моментов ова е фарса со цел промоција пред избори. После парламентарните постои голема веројатност да променат ставот како што направија за Ист Гејт.

Антропол: Како повозрасен жител на Карпош и советник во општината што мислите на кој начин и каде треба да се развива Карпош?

Славко Митевски: Карпош е меѓу првите ако не и прва права урбана населба во Македонија. Плански е работена пред земјотресот но со земјотресот тој план е принудно сопрен и прилагоден за тогашните итни потреби. Карпош 2, моето матично маало е реализиран дел и според мене така треба да изгледа населба за хумано живеење. Општина Карпош од осамостојувањето почна да станува „Мека‘‘ за градежната мафија и корумпираните градоначалници и советници. Најдобро е во Карпош повеќе да не се гради воопшто или во мал обем што би го покрил природниот прираст. Ако веќе мора да се гради, тоа секако не би било во централното изградено подрачје туку во неизградениот дел, спрема Зајчев рид и касарната Илинден и тие градби треба да се со квалитетна инфрастеуктура која нема да ја загрозува постоечката и со над 50% зеленило. Старите урбани заедници треба да си продолжат да си го живеат стариот маалски живот со нови отворени простори кои ќе го разубавуваат секојдневниот живот на Карпошани. Во спротивно живеењето во Карпош ќе стане неподносливо. Досегашните градоначалници и советници покажаа дека хуманото планирање не им значи ништо и побитно им е да го уновчат за личен и партиски интерес а граѓаните да ги манипулираат со нашминкани сликички од зградурини кои ќе им го “разубават” животот. Карпош треба да си ја подобри инфраструктурата и културно да се издигнува. Дубаи не е пример како треба Карпош да изгледа. Ако некој не знае како да го направи Карпош убав, нека ја предаде палката на друг што знае.

Антропол: Градочначалникот во јавноста кажа дека некои предлог програми за престојната 2024 година не се подржани од советниците и истите ги обвинува за тоа. Дали вие гласавте за некои од програмите „против‘‘ и од кои причини?

Ивана Стоименовска: Да, ние гласавме ПРОТИВ за 4 од понудените програми и причината е дека градоначалникот не ги прифаќа нашите забелешки. Со тоа, сакаме да му дадеме на знаење на градоначалникот дека нема да го толерираме неговото самоволие и дека забелешките од советниците мора да се земаат во предвид при креирање на годишните програми. Пример во „Програмата за развој‘‘ сакавме да се вметне СОЦИЈАЛНА РАМКА во програмите на општините, нашите советници уште на минатата седница побараа да се даде приоритет на семејствата кои не можат да си дозволат средства за полагање на возачки испит, отколку тоа да биде дозволено за сите баратели! Градоначалникот не најде слух за нашето барања за социјална рамка и сметаме дека 7 милиони денари со ваков начин на распределба се премногу и ненаменски. Во „Програмата за урбанизам‘‘ сакавме да ги тргне од истата дуповите за Алумина, Влае, Жан Митрев и Катастер со тоа што ќе покаже интерес за соработка, но тој повторно ги остави истите дупови во програмата без никаква промена. За прослава на „48 годишнина на општина Карпош‘‘ се трошат премногу пари за ставки кои не се ни издвоени по суми така што побаравме барем да се намали финансискиот план во тој дел со цел разумно трошење на парите на граѓаните, но повторно не наидовме на соработка. На крај ќе додадам наше е да предлагаме, нивно е да нудат но и да соработуваат со сите советници зошто на крај сите нас не гласале граѓаните за да работиме во нивен интерес, а не во интерес на елитата и профитерите.