За колку е пораснат долгот на постјугословенските држави по осамостојувањето?

  • Пишува: Jулијана Штрковска-Колариќ – Координатор на Левица Сектор финансии

По распадот на Југославија во 1991 година, суштинско прашање за воспоставување политички и економски односи меѓу новосоздадените држави и меѓународната заедница, беше распределбата на нејзиниот надворешен долг, кој ескалира во периодот од 1972 – 1982 година, од 2,4 милијарди САД долари на 20,3 милијарди САД долари. Овој драматичен скок сепак изнесуваше само 30% од БДП и во наредниот период Југославија губејќи го пристапот до меѓународните пазари, го зголеми суфицитот и со програмата за стабилизација го намали долгот на 16 милијарди САД долари (алоциран и неалоциран долг).

По принципот на сукцесија, договорени се клучните принципи за распределба на долгот на петте републики наследнички на поранешна Југославија. Кредитите кои биле земени за републички проекти беа преземени од страна на републиките кои го користеле, додека неалоцираниот долг, беше распределен со одлуки и спогодби меѓу ММФ, Светска банка и државите наследнички, а се однесуваше на кредити користени од сојузните органи на поранешна СФРЈ од кој, согласно Спогодбата за сукцесија, на Република Македонија ѝ припадна 5,4%. Овој долг е распределен според формула заснована на економската моќ и висината на БДП на сукцесорот.

Јавниот долг во 2022 година на државите во просторот на поранешна Југославија изнесува над 149 милијарди САД долари и во номинална вредност, повисок е речиси 10 пати од наследениот долг од СФРЈ. Кога би се зела предвид инфлацијата и куповната моќ на американскиот долар во овој 31 годишен период, според податоци на Бирото за статистика на САД, долгот на државите во просторот на СФРЈ во 1991 година би бил еднаков на 80 милијарди САД долари, што е речиси пет пати повисок од алоцираниот и неалоцираниот долг на СФРЈ.

Долгот во износ од 12,2 милијарди САД долари беше распределен како што следува во табелата, а неалоцираниот долг во износ од 3,783 милијарди САД долари според ММФ клуч на сукцесорите.

Македонија  850 милиони САД долари        5,40%
Србија и Црна Гора5 501 милиони САД  долари          35,52%
Хрватска2 164 милиони САД долари          28,49%
Словенија1 765 милиони САД долари          16,39%
Босна и Херцеговина1 925 милиони САД долари          13,20%

Јавниот долг во земјите на просторот од поранешна Југославија, во 2022 година изнесува над 149 милијарди САД долари, а процентот од БДП е доста висок.

Македонија8,160 милијарди САД долари(59,70% од БДП)
Србија35,309 милијарди САД долари(55,10% од БДП)
Хрватска48,778 милијарди САД долари(68,40% од БДП)
Словенија43,691 милијарди САД долари(72,30% од БДП)
Босна и Херцеговина7,034 милијарди САД долари(28,46% од БДП)
Црна Гора4,345 милијарди САД долари(70,77% од БДП)
Косово1,888 милијарди САД долари(19,91% од БДП)

Со оглед дека долгот на СФРЈ беше одржлив, обврските редовно се сервисираа и изнесуваше помалку од една третина од БДП, мит е констатацијата за презадолженост. Покрај тоа, задолжувањето беше порационално, се градеа производствени капацитети и се вложуваше во развој, за разлика од постјугословенските држави, кои и покрај ниската наследена задолженост по осамостојувањето, „успеаа“ да го надминат овој долг повеќекратно.

Освен Словенија, националното богатство е намалено во државите на просторот од СФРЈ, а непромисленоста во задолжувањето, посебно поради отсуството на развојни инвестиции, задолжување за раздолжување и покривање на буџетските дефицити, ги доведе постјугословенските држави од самостојност и независност во должничко ропство.

Југославија ни одалеку не ги задолжи идните генерации, како што тоа често се тврди. Распадот скапо нè чинеше, но погубните политики, малиот процент на реализација на капиталните проекти, избор на проекти без прецизни и јасни критериуми и отсуство на нивно следење и надзор, влијае на ефикасното, ефективното и економичното користење на јавните средства и на управувањето со јавниот долг. Постјугословенските влади ги задолжија државите со 149 милијарди САД долари, а нивното раскошно и луксузно живеење, пропратено со расипничко владеење ќе биде на товар на идните генерации.