Промовирана книгата „ Етика“ од Константин Сергеевич Станиславски
Под наслов „ Етика“, за првпат на македонски јазик се преведени и објавени во една книга , два есеи од познатиот руски театарски уметник и педагог, Константин Сергеевич Станиславски. Книгата зборува за потребата од етика, но не само во театарот, каде за создавање вистинско уметничко дело таа треба да е нераскинливо врзана со естетиката, но и во општеството, воопшто. Книгата е во издание на театарот Комедија, кому ова му е нова театарска објава по 6 години.
Мислете повеќе на другите, а помалку на себе си. Грижете се за заедничкото расположение и тогаш и вам ќе ви биде добро. Ова го запишал прочиениот руски актер, режисер и педагог, Константин Сергеевич Станиславски, 1933 година во неговиот есеј „ Етика“. Тој денеска беше промовиран како дел од книгата , во која се наоѓа и есејот од 1928 „ Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Станиславски. Ова е втора книга во издание на театарот Комедија во последниве 6 години. Посветена е на творечката мисла на Станиславски, кој го сметал театарот за уметност од општествено значење. Извадоци од неа читаше нејзиниот уредник и директор на театарот Комедија.
Станиславски кој ја создал теоријата на глумата , позната како „ Системот на Станиславски“, сметал дека за вистинско уметничко дело е потребен спој на етиката и естетиката. Но , етичките вредности што ги застапувал се однесуваат на целото општество, во кое актерот според Станиславски има улога на просветител.
Преводот на изданието од самиздатот на Радослав Лазиќ го направи Наташа Атанасова, а предговорот е на Деспина Ангеловска.