Објавен македонски превод на стрипот „Везење“ од Марџан Сатрапи
Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апслоутни почетници“, го издаде деветтиот графички роман „Везење“, од француско-иранската авторка Марџан Сатрапи.
Во ова исклучително дело Марџан Сатрапи го обединува гласот на цела палета ирански жени. Непретенциозен и духовит, искрен и шокантен, овој графички роман не губи од актуелноста и дваесетина години по неговото прво објавување, посебно поради проблемот со континуираното губење на правата на жените во иранското општество. Впрочем и овогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир, Иранката Норгес Мохамади која наградата ја доби за нејзината ненасилна борба „против угнетувањето на жените во Иран“ и за промовирање на човековите права за сите, во говорот напишан во озлогласениот ирански затвор Евин, кој потоа беше скришум пренесен и прочитан од нејзините деца во Осло, истакна дека „иранскиот народ ќе ја надмине репресијата и авторитаризмот со својата истрајност“, наведуваат од „Бункер“.
Марџан Сатрапи е позната француска авторка на стрипови и книги за деца, режисерка и писателка од иранско потекло. Израснала во Техеран во семејство вклучено во прогресивните движења во Иран пред револуцијата. Во 1984 година на четиринаесетгодишна возраст родителите ја испраќаат во Виена за да ја засолнат од иранскиот режим. Таму учи во француско училиште, но потоа се враќа во Иран каде што дипломира визуелна комуникација на Исламскиот универзитет Азад во Техеран. По завршувањето на студиите се сели во Франција.
Редовно пишува за реномираните светски весници меѓу кои се и „Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“. Најпозната е по своите графички романи „Персеполис“, „Пилешко со сливи“, „Везење“… за кои ги добива највисоките награди и признанија во светот на стрипот, а голем дел од нив се филмувани. Заедно со Венсан Перон го напиша и го режираше анимираниот филм „Персеполис“, кој беше номиниран за Оскар.
Графичкиот роман „Везење“ доживеа голем успех во Франција каде за кратко време беа објавени неколку нови изданија. Преведен е на голем број јазици. Правата и материјалите за македонското издание се обезбедени од страна на Францускиот институт во Скопје.
Преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем