АктуелноИнтернационално

Истражување: Европејците ја сакаат Украина во ЕУ, но не и земјите од Западен Балкан

Анкетата спроведена во шест земји-членки на ЕУ покажа дека граѓаните од блокот најмалку ја сакаат Турција во своето друштво, додека се прилично ладни по темата за влез на Западен Балкан.

Постои широко распространето противење за евентуалниот прием на Турција (51 отсто од испитаниците), како и крајно студен одговор на перспективата на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Грузија да се приклучат на блокот. Помалку од 30 отсто од испитаниците го поддржуваат влезот на овие земји во ЕУ.

Најмала поддршка за пристапување има за Косово (20%), потоа Албанија (24%), Србија (25%) и Грузија (25%). По нив следат Македонија (26%), Босна и Херцеговина (28%), Молдавија (30%), Црна Гора (30%).

Европејците генерално се отворени за идејата Украина да се приклучи на ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но во најдобар случај се рамнодушни кон темата за проширување на блокот со вклучување на Грузија и земјите од Западен Балкан.

Според „Гардијан“, на овонеделниот самит на лидерите на Европската унија во Брисел, важна точка ќе биде приемот на нови членки во Унијата, пред се Украина и Молдавија. Европската комисија препорача да започнат формални преговори за пристапување на овие две земји во блокот, а ги поддржа и преговорите за прием со Босна и Херцеговина и препорача Грузија да добие статус на земја кандидат.