Промовирани зборници за Илинденското востание и документи од Коминтерната
- Соопштение на Матицата на иселениците од Македонија
Вчера, во организација на Матицата на иселениците од Македонија и Општина Карпош се одржа трибина по повод 130 година од формирањето на Македонската револуционерна организација, промоција на зборникот на трудови „120 години од Илинденското востание“ и зборникот на документи „Македонското прашање во документите на Коминтерната“.
Во Зборникот на трудови „120 години од Илинденското востание“ се отпечатени трудовите на учесниците на научната конференција „120 години од Илинденското востание“ одржана на 1 август 2023 година во Крушево, во издание на Матицата на иселениците од Македонија.
-Во него може да се прочитаат текстови со најразлични теми, а чија инспирација е Илинденското востание и случувањата пред и после него. Секако, во дел од нив е застапена и современата состојба во Република Македонија низ призмата на наученото или ненаученото од поуките на Илинденското востание. Заедничка црта на сите прилози е фактот дека Илинденското востание е најважниот настан во македонската историја и претставува камен темелник на денаешната македонска држава, истакна проф. д-р Катерина Тодороска.
Зборникот на документи „Македонското прашање во документите на Коминтерната“ е издание на Државен архив на Македонија и Рускиот државен архив за социјална политичка историја или познат како Архив на коминтерната. Во Зборникот се ексклузивни документи за македонското револуционерно движење и историја од времето на ВМРО Обединета. Објавени се факсимили на документите со превод на македонски. За прв пат се објавува и целосна анкета на европските интелектуалци за македонското прашање.
-Посебен интерес предизвикуваат документите од 1934 година кога е донесено и решението на Коминтерната за посебност на македонската нација со што всушност се поставува македонското прашање во меѓународни рамки. Таквиот став на Коминтерната не бил прифатлив за бугарската страна со оглед на тоа што го држеле ставот за идентичност на македонската со бугарската нација. Сепак во Коминтерната опстоел ставот од 1934 година, истакна проф. д-р Ленина Жила.
На настанот Матицата на иселениците од Македонија му врачи благодарница на Ласко Џуровски, графички дизајнер и типограф за изработка на дизајнот на корицата на зборникот „120 години од Илинденското востание“.
-Би сакал да се заблагодарам и да кажам дека ми беше чест да го работам плакатот со дизајнот за овој настан и за ова преубаво издание. Имаме доволно инспирација во нашата историја и тоа треба да го негуваме на различни начини. Дали ќе го претставиме текстуално или преку слика битно е да го имаме присутно затоа што тоа е во нас и да го пренесеме на нашите генерации, истакна Џуровски.