АктуелноЛокално

За ресоцијализацијата во Македонија

  • Во кратко интервју за Антропол разговаравме со Ивана Стоименовска, вработена во КПД Идризово во Сектор за ресоцијализација, психолог и психотерапевт, при што зборувавме за ресоцијализацијата, нејзината смисла и колку таа е успешна во Македонија

Која е смислата на ресоцијализацијата?

Ресоцијализацијата се однесува на целенасочени последователни активности на државата и општеството врз однесувањето на бившиот затвореник, додека е на издржување на затворска казна, а со цел полесно да ги помине последиците од пенитецијарната изолација, и да се обноват неговите ресурси за самостоен начин на живот заедно со другите слободни членови на општеството, во природна социјална средина. Ресоцијализацијата се остварува со помош на взаемно дејство на бившиот осуденик со микро и макро средината надвор од затворската институација. Значи која би била смислата на ресоцијализацијата? Со специјализирани методи и теники да може осуденото лице да се рехабилитира внатре институционално и да биде подготвоено да води функционален живот надвор во заедницата притоа да не направи рецидив на криминалното престапништво.

Колку во Македонија е успешна ресоцијализацијата?

Неефективноста на програмата за ресоцијализација статистички е докажана, бидејќи голем број од осудените лица од лицата кои издржуваат затворска казна по извесен период повторно се враќаат во затвор, односно се судираат со позитивните законски норми.

Немањето на помош откако ќе излезе од затвор е еден вид на повторна казна за него, бидејќи во ситуација кога државата има создадено постпенална стратегија за овие лица, а таа од разни причини не се спроведува (или не е спроведлива) тие се препуштени сами на себе. Во голем степен, иако не кај сите, станува збор за лица кои потекнуваат од социјално ранливи категории на групи, кои се соочувале со потешкотии да функционираат во општеството, и тоа било причина за тие да се најдат во казнените евиденции. Па откако ќе ја издржат казната всушност без постоење на постпенална грижа и заштита, осуденото лице повторно се враќа на првобитната позиција, сега можеби и во полоша состојба бидејќи е етикетиран од општеството како ‘‘бивш затвореник‘‘ и повторно се наоѓа во позиција каде што лесно може да ја премине границата за пак да се најде од другата страна, односно зад решетките.

На кој начин може да се намали рецидивизмот?

Државата мора да влијае, пред се со своето законодавство, на овозможување на амбиент што ќе ги намали можностите за повторно враќање на осуденото лице во затвореничката средина со тоа што ќе влијае на два начина: а) ќе делува внатре во системот, односно директно на осуденото лице со тоа што ќе му делува поттикнувачки, охрабрувачки и советувачки на тоа како да ги разрешува психолошките потешкотии и конфликти кои најчесто се јавуват по отпуштањето на осуденото лице, и б) надворешно – ќе се делува низ законски регулирани постапки од извесни државни институции во обезбедување на материјални средства, правна помош, обезбедување на работа итн.

Може ли да ми наведете некои добри практики и позитивни примери на ресоцијализација на овие простори или низ Европа?

Во време на Југославија, тоа време што кај едни луѓе предизвикува носталгија, а други го нарекуваат „мрачен социјализам‘‘ затворите во Македонија функционирале на еден поинаков начин со многу позитивни практики за кои раскажуваат повозрасни вработени во затворскиот систем. Имено, за време на издржување на затворската казна, три работи морале да бидат применети во процесот на третманот за едно осудено лице додека е во процес на ресоцијализација, а тоа било:


– Задолжително да се настојува осудено лице да работи;
– обавезно да се вклучи во образовен процес доколку лицето е неписмено или има недооформено образование;
– и практикување на слободни активности како задолжителни.

Во склоп на затворот постоел Сектор Економија што имал околу 150 хектари земја на кои работеле осудение лица. Производството од економија се продавало низ Скопје, пошироко во Републиката и надвор низ Европа, како добро прочуениот шах. Истовремено  на тие полиња работеле и вработените заедно со осудените лица кога имало потреба од тоа, во духот на братство и единство.

За Европа, можам да ја издвојам Ирска како држава која предничи во поглед на развој на затворскиот систем и добрите практики. И таму со осудените лица се настојува да работат во тек на издржување на казната, постојат цели погони или мали фабрики во склоп на затворите, осудените лица се учат да работат различни занаети кои понатаму се даваат како доброволен прилог на заедницата. Пример: печатење на списанија и книги со Браилова азбука за глувонемите лица што многу им помага на овие лица во секојдневното фукционирање. Осудените лица откако ќе изучат занает добиваат дипломи за завршен курс кои се признаени секаде во Европа и на кои не им пишува дека се стекнати во затвор. Истовремено таму многу добро функционира пробациската служба која кај нас уште не го достигнала потребното ниво.

За крај има ли шанси во Македонија ресоцијализацијата да почне да покажува позитивни тенденции, односно да почне да се намалува степенот на рецидивизам?

Искрено за да има успешна ресоцијализација треба да се работи на повеќе фактори. Целата таа област е многу комплексна и не зависи само од еден фактор. Покрај успешни пенални програми или програми кои се спроведуваат внатре во затворскиот систем треба да постојат и успешни постпенални програми кои ќе се спроведуваат на практика (не само на хартија) по излегувањето на осуденото лице од затвор, за тоа веќе зборувавме.  Друг битен елемент е социоекономската состојба на државата. Не може лице без дом, без работа, без финансиски средства да очекуваш дека нема да се врати во затвор. Напротив, доколку државата не му помогне во овие основни параметри за тој да има некоја стартна основа за живот за враќање во заедницата, ризикот за криминално повратништво е дуплиран бидејки тој внатре институционално на некој начин е веќе инфициран па повратништвото би го извел и побргу и полесно. Трето за овие работи да функционираат и теоретски и практично треба да се смени цело законодавство со сите инволвирани институции, да се подобри економскиот модел на државата и да се влијае на свесноста на луѓето во поглед на ‘’етикетирањето‘‘. За сето ова да функционира во Македонија мора да се случат коренити промени на системско ниво, а до тогаш не гледам начин како би постигнале напредок во тој дел .