На денешен ден е роден македонскиот национален деец Емануел Чучков

Тој бил македонски политичар и е првиот доктор по географски науки од градот Штип. Чучков го завршил основното образование во Штип, а гимназиското во Скопје, по што го продолжил образованието на Филозофскиот факултет во Белград, на фундаменталната група за географија (антропогеографија и физичка географија, етнологија и етнографија, историја и словенска филологија) каде што дипломирал во 1925 година.

Како ученик, во 1919 година се вклучил во социјалистичкиот кружок и активно учествувал во агитирањето за време на изборите и во 1921 година, поради што за првпат бил приведен од полицијата. Во 1923 година Чучков бил еден од учесниците во основањето на огранокот на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО) во Скопје.

Во 1924 година на митинг во Штип, Чучков бил уапсен и затворен. Повторно бил затворен во 1927 година и бил еден од обвинетите на Скопскиот студентски процес, но поради немање докази бил ослободен од обвинението. Првото службување како стажант му било во Охрид, каде што поради своите политички активности повторно бил затворен, а по излегувањето од затвор стажирањето го продолжува во Свилајнац (Србија). Во 1929 година го положил професорскиот испит во Белград, по што службувал се до 1941 година како гимназиски професор во Србија и Босна: Свилајнац, Чачак, Биелина, Смедеревска Паланка и Ќуприја.

Во меѓувреме, една учебна година (1935/36) работел во родниот град, а во 1941 година во Великата медреса во Скопје. По бугарската окупација Мане Чучков бил поставен за директор на гимназијата во Прилеп, а потоа во Скопје и Штип. Во 1943 година Чучков станал член на групата интелектуалци кои го сочинувале Акциониот народноослободителен комитет (АНОК). Во април 1944 година станал член на проширениот состав на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

На почетокот од мај 1944 година, заедно со Методија Андонов-Ченто и Кирил Петрушев, заминал за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Во август 1944 година учествувал на Првото заседание на АСНОМ и бил избран за член на Президиумот на АСНОМ како негов втор потпретседател.

Како претставник од Македонија, на 30 август 1944 година бил испратен во Народниот комитет за ослободување на Југославија. Во НКОЈ ја вршел функцијата повереник за земјоделство, а на 7 март 1945 година кога е формирана Привремената сојузна влада на чело со Јосип Броз Тито, станал министер за Македонија.

Од 1946 до 1950 година бил пратеник во Народното собрание на Македонија, а од 1946 до 1947 година ја вршел функцијата директор на Народната библиотека во Скопје. Како музиколог-етнолог во 1947 го основал Заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, а од 1948 година станал соработник на новооснованиот Институт за национална историја. Во 1949 станал директор на државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.

Во педесетите години повторно се вратил на својата професија и извесно време бил потпретседател на Комитетот за високи школи. Потоа, во 1954 година станал хонорарен доцент, а во 1957 година и редовен наставник по Економска географија на Економскиот факултет во Скопје. Во март 1958 година ја одбранил порано започнатата докторска дисертација „Овче Поле: Географско-стопанска студија“. Автор е на повеќе универзитетски и средношколски учебници и прирачници и истражувања од областа на историјата, географијата, економијата, фолклористиката, етнографијата и просветата во Македонија.