АктуелноИнтернационалноЛокално

Симонов: Македонија одамна не води суверена надворешна политика

Во интервју за поралот Локално.мк, Координаторот на Левица – Сектор за надворешна политика зборуваше за последното соопштение на Министерката за одбрана, која соопшти дека без знаење на јавноста, во Македонија се спроведувала обука на украински војници. Во прилог ви пренесуваме детали од разговорот:

  • Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера информираше дека е реализирана обука на украински војници во земјава, за одбрана од руската агресија. Дали го поддржувате ваквиот чин како партија? 

Поради тоа што Министерката за Одбрана е правник по струка, овој одговор би сакал да да направам една ретроспектива во военото право и елаборирам од правен аспект. Меѓународното воено право се сеќава на Хашките конвенции усвоени во 1907 година, односно на „Конвенција за законите и обичаите во војна на копно“. Согласно членот 6 од оваа конвенција – „Изрично се забранува снабдување со оружје и војска од страна на неутрални држави, односно држави кои не учествуваат во конфликтот, вклучувајќи, воени бродови, муниција и каков било имот каде се одвиваат дејствијата на завојуваните земји“. Секоја постапка досега преземена од актуелната Влада и Министерка, (без разлика дели е окарактеризирана како донација, помош или слично)  ја прави Македонија, земја страна\учесник во конфликтот.

Левица, во своите платформски и програмски начела се залага Македонија да биде воено-неутрална држава, која не се вмешува во воени конфликти помеѓу трети држави. Единствената отстапка која нашата програма ја предвидува по однос на ова, е исклучително вклучување во хуманитарните мисии за помош на цивилно население, жени и деца, во завојуваните региони, исклучително во рамките на Организацијата на Обединетите Нации. Согласно нашите принципи, овој чин на Владата и Министерката Славјанка, како и целокупната политика по однос на руско-украинскиот конфликт, го оценуваме како заземање страна и активно учество во воените дејствија на Македонија, што несомнено ја вовлекува државата во конфликт и нарушување на односите не само со Руската Федерација како земја постојана членка на Советот за Безбедност при ООН, туку и низа други земји. 

  • Дали стануваме поголема цел на интерес на Русија поради обучувањето? 

Како што можам да ја оценам руската надворешна политика во овој период е фокусирана на градењето мултиполарен свет, развивањето релации со земјите од глобалниот југ, развој на БРИКС како организација која има се поголема улога во светската економска, инфраструктурна, но и меѓународна политика. Поради ова, нивните моментални стратешки интереси се развиваат во сосема поинаква насока и се фокусирани на поинаково географско пространство, што ги прави далеку од било каква директна поврзаност со Македонија. 

Кај нас ја следам хистеријата која политичките партии, прозападните експерти и медиумите кои ја прават во обид за претставување некаква руска закана, влијание или слично, но праксата покажува дека во реалноста од тоа нема апсолутно ништо. На сето ова гледам како субјективна вистина, креирана од западните центри на моќ во Македонија, кои несомнено имаат огромно влијание, особено поради влоговите кои ги прават во НГО секторот, финансирањето на медиумите и т.н. со  цел да се креира мислење во јавноста за Русија, кое тие го посакуваат. 

Убеден сум дека оние во Русија кои се занимаваат со истражувања конкретно за ставовите на македонската надворешна политика, сосема им е јасно за несоодветствувањето на надворешната политика која ја води Владата со надворешната политика која граѓаните би сакале да биде водена, што ни малку не соодветствува со принципите на демократско управување на држава.

  • Остануваме отворени доколку има потреба од донација на оружје или каков било вид на вооружување кое го поседуваме, а кое согласно прописите во нашата армија не е неопходно и може да биде дадено. Таква одлука нема двоумење дека ќе донесеме”, рече министерката. Во период кога поддршката за Украина “стивнува”, треба ли Македонија да продолжи да го дава своето оружје?

Трендот во Македонија на водење надворешна политика согласно инструкциите кои се добиваат од одредени центри на моќ не е ништо ново. Ние одамна не водиме суверена надворешна политика, а насилното вовлекување во НАТО кое најголем дел од граѓаните не го поддржа на референдумот, не’ доведе во ситуација веќе со години апсолутно да не водиме надворешна политика, согласно нашите национални интереси.

Донирањето на оружје во Украина сигурен сум дека ќе продолжи, а со тоа ќе продолжи и вовлекувањето на Македонија во конфликт, кој не прави непријател со земја која претставува светска сила! Ова не нешто што е тешко да се разбере, иако е апсолутно спротивно и на народната волја. Идентична е ситуацијата во многу други европски земји и членки на ЕУ, нивните експертизи покажаа дека од „европските санкции“ најмногу настрада Европската унија, а од „европското оружје“ најмногу страдаат украинскиот народ и држава, кои според мене станаа колатерална штета на интересите на Западот. 

Според мене, се повеќе земји се свесни дека од ваквиот надворешно политички курс на помош за Украина, не само преку донирање на оружје туку и преку размена на информации, обуки, обезбедување достапност на сателити и т.н. не може да продолжи до недоглед и е неиздржлив. Еден ден ова ќе престане, не нагло туку постепено. Словачка е најновата земја која ја намали помошта за Украина и најави нејзино прекинување. Се сеќавате и на изјавата на италијанската премиерка Мелони која ненамерно сподели измореност на Европа од помошта која ја дава и дека повеќе нема да може да издржи. Дискусиите за намалување и прекинување на испраќањето оружје и помош за Украина се актуелни речиси во секоја европска земја.

За жал, убеден сум дека како земја ќе продолжиме да донираме оружје, се додека нашиот „стратешки партнер“ така одлучува. Сметам дека ова е погрешна политика, и ни прави нам како држава огромна и трајна штета, но таму каде што има октроирана Влада, невозможно е да се очекува разумна политика