АктуелноЛокално

Дијабетичарите во Македонија и понатаму без потребната терапија и апарати

Денес е Денот за борба против дијабетесот, но се чини дека Македонија многу тешко се бори со оваа болест. Годинава што полека изминува, за лицата што боледуваат од оваа болест помина во знакот на недостиг од инсулин, ленти и од сензори. Луѓето засегнати од оваа фактичка состојба цела година ја минаа снаоѓајќи се за терапијата, но и за другите работи што им се потребни, а кои честопати мораа да ги купуваат од свој џеб иако им следуваа од државата.

Иако министерот за здравство Фатмир Меџити вети решавање на проблемите на лицата со дијабетес, кои изминатиот период неколкупати излегоа на протест барајќи од државата да им ги обезбеди потребните лекови, денес, за жал, беа обезбедени само пет илјади кутии со ленти за мерење шеќер. За жал, оваа бројка може да ги задоволи потребите само на десет отсто од пациентите во земјава.


Ова е една од најтешките години и беше полна со проблеми за нас дијабетичарите. Немаше инсулин, немаше игли и апаратчиња, а дел од работите требаше да добиеме во февруари. Еве, на крајот на годината, сѐ уште имаме пациенти што не добиле ништо – вели дијабетичар од Скопје.


Лицата со дијабетес во Македонија цела година алармираат за состојбата во која се наоѓаат, а пред четири месеци јавно го искажаа својот револт, со протест пред Министерството за здравство.
Тие велат дека им се прекршува уставно загарантираното право на здравствена заштита и дека државата ги прекршила сите рокови што самата ги дала.

Потсетуваме дека Политичката партија Левица поднесе Предлог-Закон за целосно снабдување на пациентите со препарати за Дијабетис, преку кој се бараше да се прошири листата на лекови кои ќе им ги обезбеди државата, но пратениците на СДСМ и ДПМНЕ на пленарната Седница одржана на втори ноември заеднички го одбија.

„Со тековниот текст од Законот, пациентите имаат право на цитостатици, инсулин и хормони за раст – нашите измени целат на потребите на пациентите со дијабетес, и ние го надополнуваме Законот за освен инсулин да стојат и апарати и ленти за мониторинг на гликемија, системи за континуирано мерење гликемија и инсулински пумпи за дозирање, коишто се многу битни, а и други работи како инсулински игли.“ – изјави тогаш на прес-конференцијата пратеникот од Левица, Борислав Крмов.