„Џебни“ паркови во Кина – 88% од граѓаните имаат зелени површини во радиус од 500 метри на нивното живеење

  • Пишува: Томе Караџоски, дописник за Антропол од Н.Р. Кина и член на политичка партија Левица

„Животот на емигрантот е живот полн со прашања, а не со одговори.” – Џон Бергер.

Во претходните два текста пишував за тоа како системот, здравството и школство во Кина е светлосни години пред нашиот, а денес сакам да ве запознам со урбаното зеленило во кинеските градови и да направам една проста споредба со тоа што се случува во Македонија на оваа тема.

На овој потег ме поттикна една статија во нашите медиуми каде вели дека Скопје има поразителни 24% зеленило на својата територија, од кои само очајни 6% се јавни зелени простори, а 15% се дрвја.

Во споредба, Шангај и Пекинг кои се енормно густо населени и урбанизирани градови имаат над 40% градско зеленило, а 88% од граѓаните имаат парк или зелени површини во радиус од 500 метри на нивното живеење. Слични се бројките и во западно-европските градови.

Во последните години Кина има и проект „џебни“ паркови, а целта е буквално на секое ќоше да изградат помали паркови, па буквално каде и да се свртиш да имаш зелено катче за одмор. Има таму кој да мисли за народот, па си направиле луѓето план на национално ниво. Генерално покрај здравствените придобивки мислат и на социјалниот фактор, па како цел им е зацртано целосен позитивен ефект врз човекот.

После оваа информација, не можам, а да не се прашам, како кинезите во градови големи колку цела Македонија и со популација од 20-30 милиони по град успеале да му обезбедат скоро на секој жител парк на чекор од нивното живеалиште, а нашиве пациенти и тоа зеленило што го имавме оставено од Југославија да го уништат и сосечат?!

Можеби Конфуциј е премногу напреден да го читаат нашиве ‘златни’ политичари, или пак се алергични од емпатија, па оваа филозофија им е како темјанот на ѓаволот, или пак се склони само кон западна литература? Како и да е сето тоа не е битно. Главното прашање е до кога ние ќе ги трпиме. Убаво си вика Весна Кираџиева во скоро секој втор пост „како сакаш промена кога или не излегуваш на гласање или пак гласаш само за црно или бело”.

Има и трета опција, освести се додека не биде предоцна – ако не за тебе, за твоите деца. Не можеме секогаш да имаме сѐ што сакаме, но ако се потрудиме за почеток можеме да го добиеме барем тоа што ни треба.