АктуелноЕУЛокално

Европската комисија го критикува намалувањето на буџетот за образование и Култура

Денес, Европската комисијаго објави годишниот извештај за Република Македонија, по однос на нејзиниот напредок во интегрирањето кон Европската Унија. Во извештајот речиси да нема ниту една целосна позитивна оценка за одредена сфера во државата, генерално во извештајот се констатира ограничен напредок, кој е константна статус кво состојба, а скратувањето на буџетите во образованието и култура беа мета на критика.

Ограничен напредок се регистрира и во образованието, каде се нотира дека имплементација на Стратегијата за образование (2018-2025) продолжила да се одвива со бавно темпо, како и развојот на соодветен систем за мониторинг. Истовремено се забележува напредок во воведување на насоки и програми за зајакнување на инклузивноста и промовирање на зелените вештини.

Во извештајот се потенцира дека буџетските трошоци кои се издвојуваат за образование се намалиле на 3,71% од БДП во 2022 година и понатаму се далеку под просекот на ЕУ од 5%.

Во културата се истакнува дека буџетските средства постојано се намалуваат последните три години, дека е потребна нова Национална стратегија за периодот 2023-2027, како и дека се потребни дополнителни напори за зајакнување на институционалниот одговор и меѓуинституционалната соработка за заштита на културното наследство и спречување на дивоградби.

„Ова ја вклучува заштитата на локалитетите на културно наследство од „особена важност“, како што се Охридското Езеро и Старата скопска чаршија. Културното наследство на земјата не е доволно заштитено“, стои во Извештајот на ЕУ.